Во тек е реконструкција на покривот на Соколана во Куманово
- Започнавме со реконструкција на кровната конструкција на објектот Соколана. Го враќаме сјајот на комплексот Соколана, храмот на спортот во Куманово, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Куманово, 9 јануари 2025 (МИА) - Почна реконструкцијата на покривот на спортскиот објект Соколана во Куманово, информираа денеска надлежните од општината.
-Започнавме со реконструкција на кровната конструкција на објектот Соколана. Го враќаме сјајот на комплексот Соколана, храмот на спортот во Куманово, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Претходно почна уредувањето на платото пред објектот и спортското игралиште. Реконструкцијата на комплексот Соколана етапно се спроведува изминативе години. Според планираното, во следните фази од реконструкцијата се планира изградба на изградба на детско катче, реквизити за рекреација, партерно уредување околу објектот. Претходно се санираат внатрешноста на Соколана, но и на паркот во непосредна близина.
Според податоците на електронскиот систем за јавни набавки и за целиот комплекс во 2023 беа одвоени првин 14, 7 милиони денари во мај, подоцна во август уште 14, 9 милиони денари, додека во 2024-та над 4, 4 милиони денари. Покрај самиот објект се реконструира и спортскиот комплекс во целина.
Владата претходно ѝ ги врати во владение четирите големи спортски објекти на општината, Соколана, спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето.
Спортскиот објкет датира од доцните 20-ти години на минатиот век и период на кралство Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари. Соколана има непроценливо значење за кумановци. ам/дма/
Фото: Општина Куманово