• петок, 20 декември 2024

Во Струмица се одржа трибина „Врсничко насилство, детска кавга или силеџиство“

Во Струмица се одржа трибина „Врсничко насилство, детска кавга или силеџиство“

Струмица, 17 декември 2023 (МИА)-Врсничкото насилство е предизик на денешницата. Сите сме сведоци дека живееме во една општа насилна атмосфера и ако гледаме на глобално ниво тоа насилство е на сите страни. Но, за жал, живееме во атмосфера кадешто се глорифицира насилството и она што се забележува е поврзано со врсничкото насисилство во училиштата, во училишните дворови, на улица. Тоа можевме да го видиме од некои снимки кои се направени од тинејџери додека нивни врсници се малтретирани на улица или во училишниот двор и затоа едноставно не можеме да не забележиме една сеопфатна пасивна социопатија.

Ова го истакна Викарниот епископ Јаков на вечерашната трибина „Врсничко насилство, детска кавга или силеџиство“ што ја организираше Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА, на која се дебатираше на оваа тема.

Според него, многу е важно дали сме одговорни и дали треба сите да се самоповикаме на одговрност.

-Апсолутно да и треба да видиме што можеме да направиме. Ако децата се иднината на овој свет-а се, тогаш согласно на се она што гледаме во училишните дворови, на улиците, во животите на децата преку сајбер насилството, за што веќе зборувавме, но и физичкото насилство коешто е секојдневие, тогаш не можеме да зборуваме за никаква иднина на овој свет, рече Владиката Јаков.

Според докторот Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар, главниот аспект за кој е потребно нужно да се говори во нашата држава се токму оние проблеми кои настануваат и произлегуваат од самото општество.

-Само здраво општество ќе роди здрави граѓани и здравото општество ќе понуди решенија и солуции за такви проблеми кои се случуваат во поново време. Врсничкото насилство носи низа проблеми кои се рефлектрираат врз самото општество. Ние како свесни граѓани на оваа држава треба да го кренеме својот глас, но и тие што се жртви на тоа насилство треба да се обратат до сосдветните институции и буквално да се говори слободно. Само нулта толеранција кон врсничкото насилство ќе вроди со плод онаму кадешто е потребно, а тоа се децата, рече Андоновски.

Додаде дека изворот на врсничкото насилство е во семејството, кое во денешно време е доста нарушена средина и оттаму произлегуваат сите проблеми.

-Заедно и одговорно со помош на сите стручни лица можеме сето тоа да го доведеме во нормална средина, каде може да се говори. Семејството е извор на се и во него треба да се вратат сите позитивни постулати за семејството да биде главната работа во нашата држава, посочи Андоновски.

За докторката Биљана Аризанкоска Ефтимова, специјалист психијатар, неопходна е будност на целото општество и јасно треба да се стави до знаење дека за врсничкото насилство има нулта толеранција.

-За учениците е важно да знаат дека секој вид насилничо однесување ќе биде забележан и истиот ќе биде будно следен и ќе се преземат сите мерки кои се потребни. Исто така, во сите училишта е неопходно да постојат протоколи за работа како да се постапува во ситуации кога е можно врсничко насилство. Овие протоколи треба да бидат почитувани од сите, и од учениците и од наставниците и од родителите, смета Аризанкоска Ефтимова.

Беше истакното дека нема генерални податоци за извршени врснички насилства, но заклучок е дека постои такво насилство во државата и постојат случаи коишто се пријавуваат, но најчесто жртвите бараат соодветна помош. Но, и децата кои манифестирале врсничко насилство е неопходно да побарат помош за да им се помогне и тие да не се осудуваат, туку да им се пружи рака за поддршка. рт/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан