• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица се одржа трибина „Вистинското лице на родот“

Во Струмица се одржа трибина „Вистинското лице на родот“

Струмица, 22 јуни 2023 (МИА) - По толку трибини и дебати ние не можевме да го откриеме и да го видиме вистинското лице на родот. Луѓето сè уште повеќе збунети, заради тоа што родот во тој контекст во којшто ни го претставуваат нема само едно лице, туку има илјадници лица и бројот на тие лица продолжува да се зголемува, истакна викарниот епископ Јаков на вечерашната трибина што ја организираше Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА, на која се дебатираше за предлог законите за еднакви можности и матична евиденција.

Додаде дека како епископ на Црквата, како духовник, во суштината и заднината на цела оваа идеологија, пропаганда, како што рече ова тоталитаристичко движење коешто го покорува светот, гледа само едно лице-лицето на исконскиот непријател на човештвото, којшто го мрази човекот заради тоа што е создаден во образ и подобија божја.

- Оваа родова идеологија токму тоа го прави, сака да го искасапи, осакати и да направи карикатура токму од тој божји лик вграден во човекот со создавањето. И оваа трибина ќе биде малку за да ги разобличиме злобните намери на родовите идеолози и на центрите на моќ коишто повеќе од очигледно ни подготвуваат современ тоталитаристички логор во којшто сакаат да го затворат не само нашиот народ, не само македонското општество, туку сиот свет, рече владиката Јаков.

Во одговор на новинарско прашање дека законот претрпел одредени измени како што рекла министерката Тренчевска и колку тој е задоволен од измените, владиката Јаков рече дека министерката не ја говори вистината.

- Кога станува збор за министерката нема што да вртиме како неа согласно дебатата која се одржа неодамна, повеќе од очигледно е дека министерката лаже. Брутално не лаже, не гледа во очи и не лаже. Таа на советниците од нејзината матична партија пред повеќе од 24 часови им рекла дека предлог Законот за матична евиденција е во фиока и немало да ја види светлината на денот, а веќе утре да ни соопштат дека е влезен во собраниска процедура. Зарем уште оставаме простор да и веруваме на таа жена, одговори владиката Јаков.

Лилјана Поповска, активист за правата на жените и поранешна пратеничка и претседателка на ДОМ, рече дека има сериозни забелешки за предлог законот.

- Тој го укинува постојниот закон за еднакви можности на мажите и жените, којшто е усогласен со европски директиви и на тој начин се укинува единствениот закон којшто е посветен на правата на жените и на нивната борба. Во новиот предлог закон се воведуваат и други категории и не е точно дека се однесува само за правата на жените, туку таму наизменично се кажуваат те жени, те други родови, без да се каже на колку родови се мисли и на кои родови. Со тоа се стеснува местото на жената во општеството и државата како да се откажува од значењето на женската борба, смета Поповска.

Додаде дека новото предлог законско решение отвора можност за промена на полот и родот кај децата и дека тоа е многу реално и веќе е видено во други држави каде имало поразителни исходи од практикувањето на такви закони и каде веќе се воделе сериозни битки на родителите и граѓаните против вакви закони.

Поповска подвлече дека тоа е поразително за државата да прифаќа нешто што покажало лоши резултати во други земји, а ние се стремиме да го прифатиме.

За докторот Петар Марков, специјалист хирург, таквиот закон кој се предлага, во кој имало модификација и кратење на говор, обврска е на сите кои имаат и малку познавање да се вклучат во дебатата и да дадат свој придонес во демистификација на тоа што се сака да се донесе во форма на закон.

- Тука не се работи за закон кој штити нечии права, туку се работи за закон кој злоупотребува одредена социјална група на лица и нивната судбина, се сака да се протурка закон кој ќе воведе можност за апсолутистичко владеење на државата и на некој начин ќе врати некои идеолошки норми коишто се одамна заборавени и се исфрлени од најдемократски држави во светот, истакна д-р Марков.

На трибината зборуваше и Ѓорѓи Танушев, член на Советот на Општина Струмица и претседател на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените, а беа прикажани и повеќе кратки видеа кои се однесуваа на темата на вечерашната трибина. рт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан