Во Струмица почнуваат осумдневните карневалски празнувања
- Со предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов на карневалистите вечерва почнуваат осумдневните карневалски празнувања во Струмица, кои ќе кулминираат в сабота со одржување на Интернационалната карневалска поворка во која ќе продефелираат над илјади маскирани учесници од земјава и странство распоредни во 35 групи.

Струмица, 26 февруари 2026 (МИА) - Со предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов на карневалистите вечерва почнуваат осумдневните карневалски празнувања во Струмица, кои ќе кулминираат в сабота со одржување на Интернационалната карневалска поворка во која ќе продефелираат над илјади маскирани учесници од земјава и странство распоредни во 35 групи.
Ова беше соопштено на денешната прес - конференција од страна на градоначалникот Костадинов и претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Алeксандар Цицимов.
- Посакувам како секоја година, така и оваа да биде полна со луѓе. Струмичките угостителски објекти и компании и граѓаните пред се да се покажат како добри домаќини и повикувам да уживаме во прекрасните настани поврзани со Струмичкиот карневал и денеска во 18 часот ќе го предадеме клучот, односно власта од моја страна како градоначалник во рацете на карневалистите. Нека ни е вечен струмичкиот карневал, да знаеме што значи таа традиција којашто не е само локален идентитет, туку и национален идентитет и овде е поддршката на општина Струмица преку Советот од 3 милиони денари со тенденција таа да продолжува и сакам да се заблагодарам за да не биде дека само критикувам и на Министерството за култура за поддршката, бидејќи тоа е начинот како треба да функционираме, рече Костадинов.
Според Цицимов, годинава заради совпаѓањето на одржувањето на други карневали со Струмичкиот намален е бројот на карневалските групи од странство, но и покрај тоа има учесници од повеќе земји и други градови од државата.
-Имаме гости од Хрватска, Црна Гора, Србија и Бугарија. Ќе имаме вкупно 35 групи и со тоа на некој начин ја означуваме симболиката 35 години од обновената организирана форма на Струмичкиот карневал. Од нив 11 се од странство, 18 се од Струмица и шест од други градови во државата, информираше претседателот на Организацискиот одбор на Карневалот, Александар Цицимов.
Тој најави дека Здружението на угостители од Струмица за годинашново издание на Карневалот, конкретно за понеделник кога се вари и консумира бел грав, ќе се придружат и имаат намера да го урнат светскиот рекорд во делење порци со бел грав.
Инаку, вечер покрај предавањето на клучот од градот на карневалистите ќе бидат отворени и две изложи. Првата е во Градската галерија и е посветена на 35 годишнината од обновената форма на Струмичкиот карневал, а втората во Центарот за култура на која ќе бидат изложени карневалски маски од Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица.рт/цр
Фото: МИА