Во Струмица отворено Подрачно одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства
- За да се излезе во пресрет на барањата за згрижување на деца се потребни 500 згрижувачки семејства, а во моментот во државата има 360. Потребата е огромна, ситуацијата е сериозна и затоа сакаме во Општина Струмица, но и во сите градови и подрачја граѓаните да се заинтересираат, да се пријават за згрижувачи, но и да им дадеме поддршка на оние кои одлучиле да згрижат деца, рече Јулијана Гапо, директор СОС „Детско Село Македонија“ на денешното отворање на Подрачното одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства Струмица.
Струмица, 27 ноември 2024 (МИА) - За да се излезе во пресрет на барањата за згрижување на деца се потребни 500 згрижувачки семејства, а во моментот во државата има 360. Потребата е огромна, ситуацијата е сериозна и затоа сакаме во Општина Струмица, но и во сите градови и подрачја граѓаните да се заинтересираат, да се пријават за згрижувачи, но и да им дадеме поддршка на оние кои одлучиле да згрижат деца, рече Јулијана Гапо, директор СОС „Детско Село Македонија“ на денешното отворање на Подрачното одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства Струмица.
Според Гапо, планираат да развиваат и други социјални услуги како што превенција и работа со биолошки семејства коишто се во ризик.
-Превенцијата во државата е на најниско ниво, како во социјалата, така и во здравството и затоа треба да ги помогнеме оние биолопшки семејтва кои се во ризик, да им помогнеме да се зајакнат и грижат за своите деца за да не се фокусираме само на решавање на последиците и целиот фокус да ни биде кон изнаоѓање нови ресурси, туку паралелно-од една страна да ги помагаме тие што им треба помош, а од друга страна да го промовираме згрижувањето, додаде Гапо.
Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, со организирањето на овој настан Општината покажува дека е лидер во државата во давањето на социјални услуги.
-Целата оваа соработка што ја имаме со СОС „Детско село Македонија“ во областа на згрижувачките семејства започна со еден караван каде анализите ни покажаа дека тогаш немавме згрижувачки семејства. Преку најразлични иницијативи денеска имаме друга слика и оттука произлезе потребата од отворање на посебна канцеларија, односно децентрализација на самото СОС „Детско село Македонија“ и еве имаме простории во Струмица, изјави Костадинов.
Настанот се одржа под мотото „Да ги направиме социјалните услуги достапни во заедницата“. Целта е да ја промовира стручната помош и поддршка за згрижувачките семејства во југоисточниот регион, како и да ја истакне потребата за развој на мрежата на згрижувачки семејства, која е итно потребна за децата кои растат во оваа форма на грижа. Присутните имаа можност да слушнат приказните на згрижувачките семејства и децата кои растат во нив, но и да се подигне свеста за важноста на создавањето на целосна мрежа на поддршка, што ќе обезбеди подобри услови за раст и развој на децата во згрижувачки семејства.
Инаку, во Општина Струмица има 25 згрижувачки семејства, од кои 14 се роднински, а 11 се општи згрижувачки семејства, односно само во градот има 14 згрижувачки семејства.рт/цр
Фото: МИА