• среда, 27 ноември 2024

Во Собрание расправа за Предлог законот за изменување на Законот за заштита на децата

Во Собрание расправа за Предлог законот за изменување на Законот за заштита на децата
Скопје, 4 мај 2022 (МИА) - Пратениците расправаат за Предлог законот за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка, кој се усогласува со Законот за минимална плата, односно се зголемува бодот на негувателките со цел да се испочитува законскиот минимум од 18.000 денари. Опозицијата најави дека ќе ги поддржи сите законски решенија кои се однесуваат на зголемување на платите и подобрување на правата на вработените и нагласи дека е потребно скалесто зголемување по зголемување на минималецот. Пратениците од владејачкото мнозинство потенцираа дека власта останува посветена на подобрување на животниот стандард на граѓаните и дека зголемувањето на платите ќе продолжи. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова истакна дека платите се зголемуваат минимално во однос на цените кои се зголемени и до 100 проценти. Таа посочи дека е потребно скалесто зголемување на сите плати. - Со измените на законот се зголемува бодат на негувателките во градинките, кој од 192 сега ќе биде 224. Целата на законот е да се испочитува законскиот минимум за плата за нивото Д4, односно зголемување на платите на негувателките кои сега земаат околу 16.000 денари. Позитивно е што треба да се изврши исплата на минималната плата согласно законот. Но, зошто нема усогласување на другите плати со минималната. Ние како опозиција укажувавме на последиците кои ќе следуваат. И не само ние, синдикатите бараат почитување на колективните договори. Укажувавме дека со зголемување на минималната плата, без почитување на колективните договори, ќе има изедначување на платите кај некои категории на вработени, рече Петкова. Таа нагласи дека нивната пратеничка група поднела амандман за зголемување на платите за 18 отсто, но тој не им бил прифатен од мнозинството. Нејзината сопартијка Олга Лозановска говореше дека со зголемување на минималецот, сега има седум категории на вработени во градинките кои земаат иста плата, а различни одговорности. - Мора да има скалесто зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор. Вие предлагате симболично зголемување, што е потценувачко за вработените, во услови кога цените се многу зголемени. Со популистичкото зголемување на минималецот, без скалесто усогласување, ве става во ситуација да има општо незадоволство кај работниците, рече Лозановска. Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ во реплика до Лозановска рече дека кога ВМРО-ДПМНЕ било на власт воопшто не ги покачило платите во градинките и во училиштата. - Нели е лицемерно, градоначалниците кои си ги избравте секој ден да се сликаат со училишта обновени од пари на Министерството за образование. За разлика од вас, кои си ставивте парите во џеб, сега средствата се вложуваат во реновирање училишта, рече Коциќ. Пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ истакна дека ќе има раст и на другите плати во градинките и училиштата, а во моментов се преговара за износот динамиката и методологијата. - Понудата на Владата е зголемување на 12 проценти на платите. Досега немало толку големо зголемување на платите, а паралелно се преговара за нов колективен договор, рече Шкријељ. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде пауза до 15:30 часот, по што пратениците треба да ја продолжат расправата за Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата. ир/са/

Остани поврзан