• сабота, 23 ноември 2024

Во Собранието доделени дипломи на слушателите на курсот за основни познавања на знаковниот јазик

Во Собранието доделени дипломи на слушателите на курсот за основни познавања на знаковниот јазик

Скопје, 17 мај 2023 (МИА) - Во Собранието денеска беа доделени дипломите за успешно завршен курс по основни познавања на знаковниот јазик за пратеници и вработени во Службата на Собранието. Дипломите на вкупно 19 пратеници и вработени кои го посетуваа курсот им ги врачи генералната секретарка Цветанка Иванова.

Курсевите се одржуваа во две групи: напредно ниво (продолжение на претходната обука) – општа употреба на македонски знаковен јазик, за пратеници и вработени кои беа дел од претходниот циклус на курсеви и основно ниво - основна употреба на македонски знаковен јазик, за пратеници и вработени кои сега започнаа со посетување на курсевите.

За време на настанот беше презентирано промотивно видео, подготвено во рамките на Програмата за парламентарна поддршка, од остварената посета на Д.У.Ц.О.Р „Партенија Зографски“ во април годинава. Во видеото се потенцира важноста од организацијата на вакви и слични настани во кои учество земаат пратеници и вработени во Службата на Собранието, во насока на промовирање на култура на отвореност на Собранието и приближување на работата на Собранието до сите граѓани.

-На настанот учествуваа ученици и наставници од Д.У.Ц.О.Р „Партенија Зографски“, кои имаа можност да остварат средба со пратениците, како и преку организирана обиколка да се запознаат со внатрешноста на законодавниот дом и најрепрезентативните простории, да научат за историјата, организацијата и функционирањето на Собранието и да видат каде работат пратениците, наведуваат од собраниската прес-служба.

Целта на оваа активност беше вработените и пратениците да се стекнат со основни познавања на знаковниот јазик за да може да им се излезе в пресрет на овие граѓани при нивното доаѓање во законодавниот дом, за време на организираните тури или во рамките на активностите организирани од Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп во Собранието.

Овие курсеви претставуваат продолжение на активностите од минатата година, кога Парламентарниот институт започна со организација на курсеви по знаковен јазик за пратеници и вработени во Службата, стои во соопштението. вг/нд/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан