• сабота, 23 ноември 2024

Во скопската Зоолошка градина евтаназирана слоницата Дуња

Во скопската Зоолошка градина евтаназирана слоницата Дуња

Скопје, 7 август 2024 (МИА)  - Во Зоолошката градина во Скопје вчера била извршена евтаназија на азиската слоница Дуња. Одлуката за евтаназија, како што објави денеска Зоолошката градина Скопје на Фејсбук, е донесена по насока на сопствениците кои ја позајмија на нашата зоолошка - „Pairi Daiza“ од Белгија, заедно со тим експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледуваа слоницата.

- Ниту еден третман, ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за да таа не страда. Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем. За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина, се вели во објавата.

Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуси точки, оттаму Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот - „Pairi Daiza", каде се констатира дека за жал поради трауматичното минато двете слоници Дуња и Даела нема да можат да живеат во социјална група со други слонови. Оттогаш, во 2018 година доаѓаат во Скопје.

- Посетителите на Скопје ЗОО од 29 септември 2018 година имаа прилика да уживаат и да се едуцираат со нивното присуство, а од вчера ја имаме само нашата африканска слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови. Дуња, бескрајно ќе ни недостигаш на сите, ни беше чест што имавме можност да се грижиме за тебе во твоите „пензионерски" денови, стои во објавата на Зоолошката градина Скопје. 
 
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска на својот фејсбук-профил напиша дека Скопје и скопјани не го заслужуваат ова. 

- Нашето Скопје и скопјани не го заслужуваат ова! Утрово сите нас не дочека веста дека угинала една од слониците во Зоолошката градина што не е прв скандал во функционирањето на институцијата во последниот период. Жално и крајно неодговорно е однесувањето на менаџментот на Зоолошката градина, а секако и на градоначалничката Арсовска да се сокрие од јавноста еден ваков случај. И ова не е единствениот скандал кој последните денови го има во нашето Скопје. Уште пострашна е состојбата во ЈСП Скопје каде што гледаме во континуитет како автобуси се палат, остануваат дефект, а граѓаните ни колабираат од топлото време бидејќи не работат уредите за климатизирање на автобусите, напиша Стефковски.

Ништо поразлично, како што наведе, не е и во ЈП „Комунална хигиена“.

- Претпријатието има во функција мал број на возила за подигање на комуналниот смет и како резултат на тоа улиците во градот се полни со ѓубре по неколку недели. Едноставно во градот Скопје функционира единствено промената на директорите на јавните претпријатија. Ниту Скопје, ниту скопјани не го заслужуваат ова! На Скопје час поскоро му е потребна функционална градска администрација и функционални јавни претпријатија кои ќе бидат сервис на скопјани, објави Стефковски.

Дел од политичките партии преку соопштенија реагираа и побараа одговорност за овој случај, како и транспарентност од страна на надлежните, а од ВМРО-ДПМНЕ најавија изјава на Стефан Кирков пред влезот во скопската Зоолошка градина. мд/са/

Фото: Фејсбук на Зоолошката градина во Скопје

 

 

 

 
 

Остани поврзан