• сабота, 23 ноември 2024

Во Сирија уапсен дописник на АФП

Во Сирија уапсен дописник на АФП

Дамаск, 27 август 2024 (МИА) - Новинарот Бакр Касим, дописник на француската новинска агенција „Франс Прес“, е уапсен во Сирија, во делот кој е под контрола на бунтовниците поддржани од Турција.

Новинарите и активистите го окарактеризираа апсењето на Касим како напад врз нив. Локалните власти засега не го коментираа инцидентот.

Касим, кој известувал и фотографирал за „Франс Прес“ и турската државна агенција „Анадолија“, беше уапсен вчера попладне во градот Ал Баб, во северната провинција Алепо.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон соопшти дека Касим бил тепан при апсењето. Според оваа невладина организација, му биле претставени „повеќе обвиненија, вклучувајќи подготвување извештаи за печатот за неколку странки“.

Неговата сопруга Набиха Таха изјави дека го уапсиле властите поддржани од Турција во селото Хавар Килис, кое се наоѓа близу турската граница.

Локалната воена полиција ја задржала и Таха два часа, а потоа ја ослободиле по протестите на новинарите и локалното население.

Таха изјави дека Касим бил однесен на друга локација и дека во моментот нема информации за неговата состојба.

- Ги повикуваме локалните власти во северна Сирија веднаш да го ослободат нашиот дописник Бакр Касим и да му дозволат слободно да продолжи со својата работа, изјави уредничката на „Франс Прес“, Софи Хит.

Новинарите и активистите на северозападот на Сирија најавија дека денеска ќе организираат протест и ќе повикаат на ослободување на Касим и други новинари и активисти, кои според нив, се неправедно притворени.ссм/

фото: архива

Остани поврзан