• петок, 26 јули 2024

Во селото Мелница почнува втората „Мелничка иселененичка средба“ 2024

Во селото Мелница почнува втората „Мелничка иселененичка средба“ 2024

Велес, 25 јули 2024 (МИА) - Втората „Мелничка иселеничка  средба“ 2024 започнува попладнево во  селото Мелница, Општина Чашка, со пречек на гостите од страна на младите играорки, а ќе продолжи со свечено дефиле на фолклорните друштва низ главната улица на селото.

Свеченото отворање треба да се одржи на спортските терени на училиштето, по што ќе се реализираат бројни настани.  Организатори на културната манифестација се Општина Чашка, граѓанските здруженија „Мак Мел“ од Швајцарија и „Мел Мел“ од село Мелница.

Ердован Етовски Еки, од Организациониот одбор на средбите и еден од основачите на здружението на граѓани иселеници „МАК МЕЛ“ во Швајцарија, информира дека нивното здружение е составено од 102 семејства од Мелница, кои живеат и работат во Швајцарија и е многу активно и во странство и дома. Тој потенцира  дека по успешната ланска прва „Мелничка иселеничка средба“ и годинава  продолжуваат да ја организираат во родното место Мелница, со што веќе станува традиционална.

- Тоа е културно забавна манифестација која започнува со дефиле на играорци а продолжува со презентација на културните и традиционални вредности на жителите  за да заврши со уметничка програма и настап на познати интерпретатори на македонска народна музика, како и со забава за млади со Ди џеј од градот Бургдорф во Швајцарија. Средбата е можност за запознавање посебно на младите од Мелница и оние чии семесјтва со години живеат во странство и нивно заедничко дружење, како и други гости, потенцира Етовски.

Тој информира дека освен презентација на народни носии и фолклор, кои се карактеристични за оваа турска етничка заедница во мултинационалната Општина Чашка, организаторите поканиле и други гости фолклорни друштва од Чашка,Ростуше и Центар Жупа.

Организаторите упатија покана и до сите заинтересирани од земјава и странство да дојдат вечерва во убавата Мелница и да им бидат гости на Вторите „Мелнички иселенички средби“. ад/цр

Фото: Организатори на вторите „Мелнички иселенички средби“

 

Остани поврзан