• вторник, 24 декември 2024

Во северен Иран приведени над 700 демонстранти

Во северен Иран приведени над 700 демонстранти
Техеран, 24 септември 2022 (МИА) - Во протестите во северен Иран уапсени се повеќе од 700 луѓе, изјави началникот на полицијата во провинцијата Гилан, Асисиола Малеки. Тој истакна дека притворени се 739 демонстранти, меѓу кои и 60 жени. Тој тврди дека полицијата запленила и поголемо количество оружје, муниција и експлозиви. Малеки наведе дека уапсените демонстранти се одговорни за повреди на повеќе од сто полицајци и за оштетување на јавни објекти. - Загрозувањето на безбедноста на провинцијата Гилан не е прифатливо, истакна Малеки, додавајќи дека локалните власти ќе ги задушат протестите. Протестите и немирите во Иран се иницирани од смртта на 22-годишната Иранка Махса Амини. Таа беше уапсена на 13 септември поради кршење на строгиот исламски кодекс на облекување. Таа падна во кома и почина во болница неколку дена подоцна, но не е јасно што ја предизвикало нејзината смрт. Критичарите ја обвинуваат моралната полиција за употреба на насилство. Полицијата ги отфрла обвинувањата. Оттогаш, стотици илјади луѓе демонстрираа низ целата земја против Владата. Иран тврди дека демонстрациите се контролирани од странски земји и ирански групи во егзил со цел да ја ослабат земјата или дури и да ја соборат Владата. ми/

Остани поврзан