Во Сан Ремо почнува Фестивалот на италијанската песна
- На последната фестивалска вечер специјален гостин ќе биде Андреа Бочели.
Сан Ремо, 24 февруари 2026 (МИА) - Од денеска до сабота, 28 февруари, во италијанското одморалиште Сан Ремо ќе се одржи 76. издание на Фестивалот на италијанската песна. Сцената на фестивалот повторно е театарот „Аристон". Водител и креативен директор втора година по ред е Карло Конти кому во петте фестивалски вечери ќе му помага италијанската поп-дива Лаура Паузини.
На Конти и на Паусини во водењето на фестивалот ќе им помагаат и познатиот турски глумец Џан Јаман (на првата фестивалска вечер), италијанската актерка Пилар Фољати, италијанскиот пејач Акиле Лауро и комичарот Лило (на втората фестивалска вечер), потоа руската супермоделка Ирина Шајк (на третата фестивалска вечер) и новинарката и водителка на вести на „РАИ уно“ (RAI Uno) - Џорџа Кардиналети (на последната вечер в сабота). Меѓу ѕвездените гости на Фестивалот оваа година се поп-уметниците Тицијано Феро, Ерос Рамацоти и Алиша Кис, како и моделот Бјанка Балти. На последната фестивалска вечер специјален гостин ќе биде Андреа Бочели.
На втората фестивалска вечер на сцената како гости ќе се појават и трите италијански олимписки шампионки од Милано и Кортина, Аријана Фонтана, Франческа Лолобриџида и Лиза Витоци.
Точно 30 изведувачи се натпреваруваат за главната награда на фестивалот. Победникот добива право да ја претставува Италија на годнеишниот музички натпревар Евровизија. Меѓу претендентите за главната награда на Сан Ремо 8 жени ќе настапат самостојно: Дитонелапјага, Ариза, Елетра Ламборџини, Леванте, Серена Бранкале, Пати Право, Мара Сатеј и Малика Ајане. Вкупно, и 18 мажи ќе настапат соло: Кјело, Дарген Дамико, Еди Брок, Енрико Ниџоти, Ермал, Мета, Франческо Ренга, Фулминачи, Џеј Акс, Лео Гасман, Тредичи Пјетро, Томасо Парадизо, Саиф, Самурај Џеј, Сал да Винчи, Раф, Најт, Мишел Брави и Луке. Оваа година во натпреварувачката програма има и два еднократни дуета - оној на Федек и Марко Мацини и раперите Л.Д.А. и АКА7вен.
Меѓу натпреварувачите е и постојаниот дует - тандемот Марија Антоанета и Коломбре. За разлика од другите години, има само една група и тоа е петчлениот рок-панк-состав „Бамболе ди Пеца“. си/јт/
Фото: Википедија