• четврток, 25 јули 2024

Во Русија заврши неработниот период и покрај зголемениот број заразени со коронавирус

Во Русија заврши неработниот период и покрај зголемениот број заразени со коронавирус
Москва, 8 ноември 2021 (МИА) - Русија денеска продолжи со нормалниот живот по една недела неработни денови прогласени од властите за запирање на ширењето на коронавирусот, иако во тој период беа регистрирани нови високи бројки на заразени и починати лица.
Претседателот Владимир Путин прогласи неработен период од 30 октомври до 7 ноември со цел да се прекине заразата во земјата, најтешко погодена од вирусот во Европа.
Во Москва, како и во повеќето руски градови, мерката опфати затворање на кафулиња и ресторани, спортски центри, фризерници и продавници.
Повеќето руски региони одлучија да не ги продолжуваат мерките, а само неколку, вклучително Новгород на северозапад и Томск во Сибир, одлучија да го продолжат периодот за уште една недела. Земјата забележа нов најголем дневен број на заразени со коронавирус во саботата - 41.335. Најголем број починати од Ковид-19, 1.195, е констатиран во четвртокот, во прогласениот неработен период.
Властите денеска објавија дека официјално регистрирале 39.400 нови случаи на инфекција во последните 24 часа и 1.190 смртни случаи. Иако Русија има повеќе вакцини од сопствено производство, само 34 отсто од околу 144 милиони Руси се целосно вакцинирани, според официјалната статистика. паг/  

Остани поврзан