Во Романија испратени првите холандски авиони Ф-16 за украинските пилоти
- Холандија ги испрати првите пет борбени авиони Ф-16 во Романија, каде ќе се спроведува обука на украински пилоти, соопшти денеска холандското Министерство за одбрана.
Букурешт, 7 ноември 2023 (МИА) - Холандија ги испрати првите пет борбени авиони Ф-16 во Романија, каде ќе се спроведува обука на украински пилоти, соопшти денеска холандското Министерство за одбрана.
„Пет холандски ловци Ф-16 моментално се на пат кон Европскиот центар за обука Ф-16 во Романија. Авионите се наменети за обука на романски и украински пилоти“, се вели во соопштението на холандското Министерство.
Во август, САД, Данска и Холандија се обврзаа постепено да испорачаат околу 60 авиони. Холандските власти соопштија дека авионите прво ќе се користат за „курс за освежување на знаењето“ за ангажирани инструктори. Ќе следи обука на пилоти, додека авионите ќе летаат „само во воздушниот простор на НАТО“, додаваат холандските власти.
Обуката ќе ја врши американскиот производител на авиони, Локхид Мартин. ссм/
фото: архива