• понеделник, 18 ноември 2024

Во Рио де Жанеиро денеска почнува дводневниот самит на Г20

Во Рио де Жанеиро денеска почнува дводневниот самит на Г20

Рио де Жанеиро, 18 ноември 2024 (МИА) - Во Рио де Жанеиро денеска почнува дводневниот самит на Г20, а главни теми на состанокот ќе бидат борбата против сиромаштијата и гладот ​​во светот, реформа на глобалните институции, борбата против климатските промени, како и конфликтите во Украина и појасот Газа.

Британските медиуми пренесуваат дека земјите членки на Г20 учествуваат со 85 отсто од светската економија и најмногу придонесуваат финансиски во борбата против климатските промени.

Членките на Г20 испуштаат повеќе од три четвртини од стакленичките гасови, па од тие причини Обединетите нации пред два дена ги повикаа лидерите на Г-20 да одвојат повеќе средства за борба против климатските промени.

Самитот на Г-20 во Рио има за цел да постигне консензус за зголемување на даноците на најбогатите милијардери во светот за борба против климатските промени и намалување на сиромаштијата.

На самитот ќе биде промовирана иницијативата Глобална алијанса против гладта и сиромаштијата предложена од бразилското претседателство со Г-20, чија цел е да се забрзаат напорите во борбата против сиромаштијата и недостигот на храна во светот до 2030 година.

Бразилската влада предложи и данок за најбогатите луѓе во светот, заедно со Франција, Шпанија и Јужна Африка.

Меѓутоа, Долниот дом на бразилскиот Парламент минатиот месец ги отфрли плановите за воведување дополнителен данок за најбогатите Бразилци.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој е домаќин на самитот на Г20, ќе се обиде да ги унапреди плановите за оданочување на најбогатите милијардери во светот кои често користат „дупки“ за да избегнат плаќање даноци, објави Дојче веле (DW).

На состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Рио во јули, најбогатите земји во светот се согласија да започнат дијалог за правично и прогресивно оданочување, вклучувајќи ги и оние кои најмногу заработуваат, и покрај жестокото противење од САД и Германија.

Планот за оданочување на најбогатите милијардери го осмисли францускиот економист Габриел Цуцман и тој предвидува воведување годишен данок во износ од два отсто на вкупните нето средства на екстремно богатите поединци, а не само на нивните годишни приходи.

Средствата би вклучувале недвижен имот, акции и други инвестиции. Со овој план може да се соберат до 250 милијарди долари даноци годишно од речиси 2.800 милијардери ширум светот, чие комбинирано нето богатство се проценува на околу 13,5 трилиони долари, пресмета Форбс од листата на најбогати милијардери во светот. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан