Во Ресен доделени сертификати на земјоделци од Преспа
- Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски и Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП, денеска доделија 129 сертификати на земјоделци од Преспа кои беа обучувани да произведуваат јаболки и притоа да го сведат на минимум користењето на хемиски средства.
Ресен, 13 декември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски и Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП, денеска доделија 129 сертификати на земјоделци од Преспа кои беа обучувани да произведуваат јаболки и притоа да го сведат на минимум користењето на хемиски средства.
Едукацијата на преспанските јаболкопроизводители ја вршеа професори од Земјоделски факултет-Скопје, се реализираше во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“ и притоа учествуваа млади лица, жени и мажи кои се од семејства со долгогодишна традиција на производство на јаболка.
Според градоначалникот Јован Тозиевски проектот претставува континуитет на успешно реализираните меѓународни проекти и проектни апликации што ги остварува локалната самоуправа и поддршката што ја ужива од организациите и фондовите на ЕУ.
Со едукацијата на преспанските јаболкопроизводителите се очекува зголемено квалитетно производство на сорти јаболка кои се барани на меѓународниот пазар, промени во пристапот кон производството на јаболка, како и рационално користење на човечките и природните ресурси, посебно водата која се користи за наводнување на овоштарниците во Преспа. мт/дма/
Фото: МИА