Во Радовиш граѓаните самоволно ги подотвораат капаците на шахтите кога врне, опасност од сериозни повреди и материјални штети
- Самоволното подотворање на капаците на шахтите за фекална канализација претставува реална опасност и може да предизвика сериозни повреди и материјални штети, особено за пешаци, деца, возрасни и возила, соопштија од радовишкото комунално претпријатие „Плаваја“
Радовиш, 28 јануари 2026 (МИА) - Самоволното подотворање на капаците на шахтите за фекална канализација претставува реална опасност и може да предизвика сериозни повреди и материјални штети, особено за пешаци, деца, возрасни и возила, соопштија од радовишкото комунално претпријатие „Плаваја“.
Велат дека особено загрижува фактот што оваа појава најчесто се забележува на повеќе локации низ градот и Општината и тоа секогаш кога врне дожд, кога поради зголеменото количество вода на улиците некои несовесни лица свесно ги подотвораат капаците без да размислат за последиците.
Потенцираат дека ваквото однесување е апсолутно недозволиво и дека капаците на шахтите не се решетки за прифаќање на атмосферски води, туку тие служат за заштита на длабок хидротехнички објект и никој не смее самоволно и неовластено да ги поместува, отвора или остава подотворени.
-Апелираме до сите доколку се забележи ваква појава, веднаш, без двоумење, да се пријави, имајте во предвид дека една ваква „ситница“ може да заврши со тешка повреда или сообраќајна несреќа, се наведува во соопштението на „Плаваја“.
Додаваат дека јавниот простор е заедничка одговорност, а безбедноста на граѓаните е обврска над се друго.рт/са/
Фото: ЈП „Плаваја“ Радовиш