• петок, 27 декември 2024

Во Прилеп се чистат општинската зграда и боите на „Шарената револуција“

Во Прилеп се чистат општинската зграда и боите на „Шарената револуција“
Прилеп, 9 април 2022 (МИА) - Преку доброволна акција на иницијатива на прилепската локална самоуправа денеска почна да се чисти општинската зграда, обоена од „Шарената револуција“ од 2016 година, која на тој начин го искажа револтот од тогашната локална власт. Вклучени се и комуналците, а на повикот се вклучи и учесник во „Шарената револуција“. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески смета дека општинската зграда е лице на градот, негова обврска е да ја зачувува и за него валкањето и обезличувањето не е алатка за постигнување политичка цел. - Општинската зграда е лице на градот, важна и за граѓаните и за гостите кои ја посетуваат. Со оглед дека никој четири години не се потруди да ја исчисти, ние како локална самоуправа презедовме иницијатива да се започне со чистење на фасадата, на стаклата и на панелите. Немаме проценка за средствата за ова чистење, но сигурно, со ниту еден потрошен денар, се потрудивме да организираме ваква голема акција. Веројатно времето и сонцето си го направиле своето, сега бојата е испукана, сепак со хемиски средства може да се исчисти. Не 100-процентно, но барем голем дел. Целта на градоначалникот е да ги одржува, да ги зачува објектите кои се под негова ингеренција. Валкањето, уништувањето и обезличувањето не е алатка со која треба да се постигне некоја политичка цел, изјави Јовчески. За Жаре Стеваноски, учесник и еден од предводниците на „Шарената револуција“ оправдан беше начинот на револтот искажан за недомаќинското работење на тогашната власт. Не е убеден дека и наредните оттогаш па натаму може целосно да работат во интерес на граѓаните. Посочи дека „Шарената револуција“ основано се бореше, а храброст е да се направи, но и да се исчисти стореното. - Во 2016 година ја обоивме општинската зграда во разни бои. Сигурен сум дека и тогаш беше моментот, по завршувањето на протестите, но очигледно, сега и дошол „денот“. Се одѕвав на апелот. Го симнуваме она што во 2016 година го искажувавме како револт кон локалната власт. Често велам дека кога би имало повторно потреба од „Револуција“, пак би застанал на чело. „Шарената револуција“ во 2016 година основано се бореше против еден систем кој недомаќински ги трошел парите, но сѐ што се погрешило, треба и да се исправи, па, денес сме тука да ги отстраниме белезите на „Шарената револуција“, вели Стеваноски. Инаку, ангажираниот вештак за утврдување на оштетувањата на општинската зграда, при обезбедувањето докази, утврдил дека стаклата на зградата, кои треба да се стоп-сол стакла, всушност се обични фолии. Чистењето на општинската зграда ќе биде подголготрајно. ем/фф/

Остани поврзан