Во Прилеп промовиран кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски
- Проданоски пред прилепчани најави дека заедно со истакнатите, избрани прилепчани да ја сочинуваат советничката листа ќе работи на уште поголем развој на Прилеп со проекти кои целосно ќе бидат реализирани.
Прилеп, 12 септември 2025 (МИА) - Во центарот на градот, пред прилепчани вечерва првпат се промовираше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник, Дејан Проданоски, како и советничката листа на оваа партија предводена од д-р Билјана Кржеска.
Проданоски пред прилепчани најави дека заедно со истакнатите, избрани прилепчани да ја сочинуваат советничката листа ќе работи на уште поголем развој на Прилеп со проекти кои целосно ќе бидат реализирани.

-Верувам дека со тимот кој го има на советничката листа и со мене како кандидат за иден градоначалник на Прилеп ќе покажеме дека навистина Прилеп како и во почетокот кога се градеше оваа држава ги даде најголемите херои, ги даде најуспешните луѓе и сега, во втората и во третата деценија на 21 век ги има луѓето кои имаат храброст, одлучност и голема обврска кон сопствените сограѓани да да го развиваат овој град и да го направат она што е и што треба да биде: европски, град на културата, град на среќни граѓани и со успешни луѓе. Во соработка со оваа проактивна влада која одвои средства за инфраструктурата и за комплетен развој на локалните самоуправи, Прилеп во иднина ќе има нов, сосема поразличен лик од оној што го има сега, изјави Проданоски.
На промоцијата, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ја истакна увереноста дека го имаат вистинскиот избор за развој на Прилеп.

-Во иднина имаме големи планови и проекти на кои заедно ќе работиме со новата локална самоуправа во Прилеп. Убеден сум дека со сегашното искуство што го има Дејан и како пратеник и, претходно, како претседател на советот на Прилеп, ќе соработуваме во периодот пред нас и ќе ги реализираме проектите кои се ветени, а и други кои не се, а ги планираме за наредниот период, изјави Николоски на промоцијата на кандидатотна партијата за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски.ем/лв/
фото извор МИА