• сабота, 23 ноември 2024

Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација

Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација

Прилеп, 19 април 2024 (МИА) - Во пресрет на неделата на имунизација, во Прилеп во тек се акциите за теренска имунизација низ градот и населените места во регионот и за подигнувањето на свеста од потребата за вакцинација на децата како најсигурна заштита од заразни заболувања и болести. Акцијата ја спроведуваат екипите од Диспанзерот за вакцинации при прилепскиот Здравствен дом. Се работеше во населбата Тризла, каде живее ромското население, а акции ќе има во Долненско и други населени места.

Генерално во Прилеп процентот за вакцинирани е преку 90 отсто, меѓу ромското население е околу 70 проценти.

-Потребни се овие акции, а и почесто присуство во населбата Тризла. Но има проблеми поради несоодветни адреси или непристапност, вели медицинската сестра Јасмина Талеска при теренската акција во населбата Тризла.

Се јавуваат проблеми и поради тоа што дел од децата не одат на училиште или не се во системот.

-Со оддалечените населени места немаме некои посебни проблеми. Комуницираме телефонски со жителите. Проблемот претежно е во ромски населби, бидејќи немаме пристап до тие деца, адресите не се соодветни, а ние немаме курирска служба за да ги пронајдеме. Ни помагаат и невладините организации, да ги пронајдеме преку здравствен медијатор, а има деца кои немаат никаква документација, не се вклучени во образовниот систем и тие се оние кои треба да ги пронајдеме, вели д-р Верица Какараскоска Петреска, педијатар во диспанзерот за вакцинации при Здравствениот дом во Прилеп.

Ќе се спроведат 12 теренски акции во Прилепско. Почнаа од 15 април и продолжуваат и во наредните две недели.

Во Прилепскиот регион досега се регистрирани два случаи на голема кашлица кај петмесечни бебиња и тоа со добиена прва доза вакцина. Првиот од селото Дебреште, вториот од населеното место Житоше, Долненско. Тие се во добра состојба. Епидемиолозите очекуваат изолирани случаи, но не и разнишана епидемиолошката состојба. Генерално, во Прилеп процентот на имунизација е преку 90 отсто. ем/мд/

фото: МИА

Остани поврзан