• понеделник, 23 декември 2024

Во последните два месеца од колера во Судан починаа најмалку 388 лица

Во последните два месеца од колера во Судан починаа најмалку 388 лица

Картум, 23 септември 2024 (МИА) – Шест лица починаа од колера во Судан за време на викендот, со што бројот на починати од оваа болест во изминатите два месеци се искачи на најмалку 388, соопштија здравствените власти.

Суданското Министерство за здравство соопшти дека во последните два месеци од колера во Судан се разболеле околу 13.000 луѓе, додека во текот на викендот имало 400 нови случаи. Во соопштението се наведува дека колерата се шири во областите погодени од неодамнешните поплави, особено во источен Судан, каде што се засолниле милиони луѓе раселени поради војната.

Се посочува дека колера е откриена во 10 од 18 провинции во Судан, а најпогодени се источните провинции Касала и Ал-Кадариф.

Според Светската здравствена организација (СЗО), колерата е многу заразна болест која предизвикува дијареја и тешка дехидрација, која може да доведе до смрт за неколку часа доколку не се лекува, а се пренесува преку употреба на контаминирана храна или вода.

Претходната голема епидемија на колера во Судан беше во 2017 година, кога за два месеци починаа најмалку 700 луѓе, а околу 22.000 се разболеа од оваа болест. Во Судан веќе 17 месеци траат судирите меѓу суданската армија и паравоените сили за брза реакција. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан