• четврток, 26 декември 2024

Во понеделник почнуваат градежните активности од трета и четврта фаза од реконструкцијата на улицата „Орце Николов“

Во понеделник почнуваат градежните активности од трета и четврта фаза од реконструкцијата на улицата „Орце Николов“
Скопје, 10 јули 2021 (МИА) - Во понеделник почнуваат градежните активности од третата и од четвртата фаза од реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, а ќе се реализираат до 12 септември 2021 година. Од Општина Центар информираат дека поради изведбата на градежните активности се воведува нов сообраќаен режим на повеќе улици во Дебар Маало. - Во третата фаза се предвидува целосно затворање на „Орце Николов“ од раскрсницата со улицата „Наум Наумовски Борче“ до влезот на паркинг-просторот пред административните бараки на Општина Центар. Се предвидува целосно затворање на пристапот до Боемска улица, а улицата „Михаил Цоков“ ќе биде пренаменета во двонасочна и возилата што доаѓаат од „Илинденска“ ќе се движат низ паркинг-просторот пред Општина Центар за приклучување до улицата „Орце Николов“. Во оваа фаза улицата „Аминта Трети“ останува двонасочна како во претходните фази, а на улицата „Отон Жупанчиќ“ се воведува двонасочен сообраќај и забрана за паркирање возила. Улиците „Наум Наумовски Борче“, „Антоние Грубишиќ“ и „Радњанска“ ќе бидат еднонасочни во спротивен правец од постојниот сообраќаен режим, посочуваат од општинската прес-служба. Додека, во четвртата фаза се предвидува целосно затворање на улицата „Орце Николов“ од влезот на паркинг-просторот пред административните бараки на Општина Центар до првиот влез пред Министерството за одбрана. На улицата „Дане Крапчев“ до раскрсницата со улицата „Дебарца“ се воведува двонасочен сообраќај и забрана за паркирање возила, а сообраќајниот режим на улицата „Антоние Грубишиќ“ оставува ист како во третата фаза. - Во претходните фази се реконструираа коловозните, пешачките и велосипедските површини, поставено е ново ЛЕД-осветлување и воведен е нов систем за модернизација на јавното осветлување. Во првата и втората фаза е поставена нова атмосферска канализација и вертикална сигнализација, ослободени се јавните површини и воведен е нов кружен тек на најкритичната точка на улицата заради намалување на сообраќајните незгоди на овој потег, смирување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на улицата „Орце Николов“, соопштија од општината. Од општината апелираат до граѓаните и учесниците во сообраќајот да ги почитуваат измените во сообраќајниот режим во Дебар Маало и да бидат внимателни поради изведбата на градежните активности во наредните месеци. Општина Центар информира дека целосната реконструкција на улицата ќе се одвива во шест фази на површина од 7.182 квадратни метри, а инвестицијата за целиот проект изнесува 77 милиони денари, средства од општинскиот буџет.фф/аа/

Остани поврзан