• вторник, 25 март 2025

Во Неготино социјални работници побараа итни мерки за нивна заштита

Во Неготино социјални работници побараа итни мерки за нивна заштита

Неготино, 25 март 2025 (МИА) - Итни мерки за нивна заштита, побараа денеска социјални работници во Неготино, од  Министерството за социјална политика, демографија и млади, пред јавната установа,  Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино. Тие ги изразија својата загриженост и револт поради зголемените случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа. Особено по најновиот случај со напад на нивна колешка во Прилеп.

- Тоа е јасен показател дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, рече Павлинка Волканоска, водител на случај социјален работник. 

Таа појасни кои се итните мерки што ги бараат. Законска заштита, донесување законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти). Физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка, обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Унапредување на условите за работа, подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд.  Построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање.

На јавниот собир, социјалните работници го изразија  незадоволството и повикаа на институционална одговорност.

- Очекуваме Министерството итно да реагира и да преземе конкретни мерки за заштита на социјалните работници, подвлече Волканоска. свд/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан