Во манастирот во Водоча почна Меѓународна конференција „Балкански монашки светови-Дијалози за монаштвото, теологија и култура“
- Во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча вечерва почна првата Меѓународна конференција „Балкански монашки светови-Дијалози за монаштвото, теологија и култура“, во организација на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ заедно со Институтот за литургика и црковна уметност од Белград, Србија.
Струмица, 5 септември 2025 (МИА) - Во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча вечерва почна првата Меѓународна конференција „Балкански монашки светови-Дијалози за монаштвото, теологија и култура“, во организација на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ заедно со Институтот за литургика и црковна уметност од Белград, Србија.
Во своето обраќање Епископот Стобиски Јаков, претседател на Институтот „Наследство на пустината“, истакна дека името на новоформираниот Институт претставува огромно монашко богатство кое урнува бариери и поделби, наследство кое е градено и стекнувано повеќе од 2000 години во прегратките на Црквата.
-Кога велиме наследство на пустината, пред се, мислиме на севкупниот простор на овој свет, во којшто Црквата живее како во пустина непоистоветувајќи се со неа, но во исто време преобразувајќи го, оплеменувајќи го со животворните енергии на Светиот дух Божји и давајќи му смисла на неговото постоење и правејќи го место и простор во којшто живее и дејствува самиот Бог, истакна Епископот Стобиски Јаков.
Конференцијата ја отвори Митрополитот Струмички професор д-р Наум со свое излагање на тема „Исхазмот како предание на внатрешно царско и есхатолошко свештенство“.

-Општо сфатени исхазмот, односно молитвеното тихување на умот во нашето срце внатре во Царството небесно во Бог е единственото непрелесно предание, како и начин на активирање на вечното предание што се пренесува во Црквата. Тоа е предание на внатрешното царско и есхатолошко свештенство, тоа е преданието на Богородица, тоа е Христовото предание и тое е преданието на Светите апостоли. Тоа е предание што единствено во Црквата Божја преку Светиот дух се пренесува и поради кој Црквата и светот постојат, истакна Митрополитот Наум.
Поздравни слова до Конференцијата испратија Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, српскиот Патријарх г. Порфириј, кои беа прочитани од Викарот на неговата светост, Епископот Моравички, г.Тихон и Викарниот епископ Хераклиски Климент.
На отворањето на Конференцијата присуствуваше и директорката на Комисијата за односи меѓу верските заедници,Оливера Трајковска, како и универзитетски професори, академици, пратеници, градоначалници и свештеници.
Конференцијата завршува задутре, а обраќања ќе имаат повеќе еминентни научници и црковни великодостојници.рт/лв/
фото: МИА