Во Куманово одбележан Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот над Ромите
- Националниот ромски центар (НРЦ) денеска во Куманово го одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот над Ромите во Втората светска војна. Комеморативниот настан, како што изјави извр
Куманово, 3 август 2021 (МИА) - Националниот ромски центар (НРЦ) денеска во Куманово го одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот над Ромите во Втората светска војна. Комеморативниот настан, како што изјави извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски, има за цел да ги потсети денешните генерации на страдањата на Ромите за време на Втората светска војна.
- Да порачаме дека не смее да се заборави и никогаш да не се повтори. Холокаустот извршен над ромскиот народ е најголема трагедија која има оставено сериозни последици и трауми во заедницата, ја утврдува нашата позиција во одбрана на универзалните човекови права, нашата потреба за слобода и став и придонес кон мултикултурни идеи во денешна Европа, рече Елезовски во обраќањето пред присутните.
Тој истакна дека е важно што се признава овој акт на нехуманост, бидејќи непризнавањето може долгорочно да обезбеди правда за починатите.
Пред присутните се обрати и Берат Бајрам, кој рече дека само преку образованието може да се обезбеди суштинска еднаквост и достоинство за секој Ром.
Ноќта на 2 кон 3 август 1944 година биле убиени над 4.200 Роми во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау. На 8 април 2015 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која 2 август е прогласен за Европски ден на сеќавањето за холокаустот врз Ромите, со цел оддавање почит на жртвите од геноцидот врз Ромите од Втората светска војна. ам/сп/