• вторник, 24 декември 2024

Во Крива Паланка се расчистуваат наноси од камења и земја на неколку локации

Во Крива Паланка се расчистуваат наноси од камења и земја на неколку локации

Крива Паланка, 27 јуни 2024 (МИА) – Нема прекин во сообраќајот на магистралата А2 во Крива Паланка, само во првите часови по синоќешното невреме имало мал застој, информираат од Центарот за управување со кризи.

Сообраќајот долж обиколницата во градот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка се одвива непречено, а екипи од службите во општината, Јавно претпријатие „Комуналец“ и работници од општината на терен ги расчистуваат наносите од песок, камења и мил на сообраќајници и локални патишта.

- Засега нема пријавено поголеми проблеми и штети. Синоќа имаше дојава за мали одрони на патот кон селото Станици, што во текот на вечерта се расчистени. Освен мал застој во сообраќајот синоќа веднаш по обилните врнежи, на дел од магистралата А2, нема никакви пречки, сообраќајот се одвива непречено во двата правци, а на бројот за итни повици 112 имало шест јавувања од граѓаните, за паднати дрвја или поплавени подрумски простории, информираат од Центарот за управување со кризи во Крива Паланка.

Од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка информираат дека рано утрово е одржан состанок на општинскиот кризен штаб, дадени се насоки службите да извршат увид на критични локации, екипи на ЈП Комуналец и ангажираните општински општи работници да расчистат на локации со наноси од камења, песок и кал, а за сите граѓани кои имаат потреба од пријава на штети од инфраструктурен карактер и проблеми од поголем обем, да пријават кај службите во општината на 031 375 035.

На некои места има остатоци од паднати и скршени ќерамиди од куќите, како и гранки и лисја.

Екипите на ТППЕ синоќа испумпувале вода од подрумски простории на неколку куќи во населбата Бегови бавчи, а утрово работат на поплавен дел од подрумски простории во централниот објект во градинката. ид/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан