• сабота, 23 ноември 2024

Во Крива Паланка изложба од Лесновската ликовна колонија 2023

Во Крива Паланка изложба од Лесновската ликовна колонија 2023

Крива Паланка, 19 септември 2023 (МИА) – Во Национална установа Центар за култура Крива Паланка денес беше отворена изложбата дела од годинашната Лесновска ликовна колонија, 31. по ред на која симболично, создадени се 31 дело од вкупно 17 автори-учесници.

-Ова е прво претставување на делата кои беа создадени во периодот од 28 јуни до 2 јули годинава, од страна на учесниците од Србија, Данска, Бугарија и од нашата држава. Лесновската ликовна колонија настанала далечната 1992 година како една идеја што низ годините не престанала да се реализира и денес важи за една од најпрестижните и најреномираните во нашата држава. Уметниците се сместуваат во капацитетите на село Лесново кадешто се наоѓа и еден од најубавите и најпознати манастири во Северна Македониај и пошироко, па уметниците ја црпат инспирацијата и од манастирот и од прекрасната околина, рече директорката на Дом на културата „Злетовски рудар”, Пробиштип, Сандра Мијалковска.

Проектот ,,Meѓународна Лесновска Ликовна колонија 2023” е избран на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2023 година, од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.

Главен покровител на „Лесновската Ликовна колонија” е општина Пробиштип, а организатор е Дом на културата „Злетовски рудар” од Пробиштип.

На годинашната колонија меѓу бројните реномирани автори-учесници учествуваше и кривопаланчеката уметница, Христина Стојчевска, која остави две маестрални дела во збирката на колонијата и истите се дел од изложбата поставена во Крива Паланка.

Сите љубители на уметноста можат да уживаат во делата од постановката во следните десет дена. ид/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан