• четврток, 26 декември 2024

Во Клиниката за физикална медицина и рехабилитација пуштен во употреба апарат за роботска рехабилитација 

Во Клиниката за физикална медицина и рехабилитација пуштен во употреба апарат за роботска рехабилитација 

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле пуштен во употреба е нов најсовремен aпарат за роботска рехабилитација – Lokomat во вредност од 57.983.430,00 денари.

Станува збор за апарат кој го поддржува движењето, ги насочува нозете на пациентот врз основа на физиолошкиот модел на одење и нуди можност за делумна поддршка на тежината. 

На настанот присуствуваше и министерот за здравство Фатмир Меџити кој рече дека ваква опрема првпат се набавува во јавното здравство. 

-Денеска во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле имаме сериозно зајакнување во опрема која ја набави Министерството за здравство, а за потребите на оваа установа. Продолжуваме со уште позасилено темпо во инвестиции во здравството, изјави министерот.

Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на 'рбетниот мозок и церебрална парализа. свс/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан