• сабота, 23 ноември 2024

Во КИЦ на Северна Македонија во Софија отворена изложба на скулптури на Марјан Стојаноски

Во КИЦ на Северна Македонија во Софија отворена изложба на скулптури на Марјан Стојаноски
Софија, 25 август 2022 (МИА) - Во галеријата на Културно - иинформативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, синоќа беше отворена изложбата „Панта реи“ на македонскиот уметник и скулптор Марјан Стојаноски, јави дописникот на МИА од Софија. Ова е прва самостојна изложба на Стојаноски во Софија, која е составена од ротирачки скулптури изработени со метални и дрвени елементи. Делата се создавани од Стојаноски во изминатите две години, а годинава беа претставени во Скопје. Изложбата ја отвори директорот на КИЦ на Северна Македонија во Софија, Сашко Насев, кој изјави дека скулптурите ја отсликуваат визијата на авторот за светот и неговиот одраз. Стојаноски, пак, рече дека името на неговата изложба „Панта Реј“ доаѓа да покаже дека треба да бидеме поблиску до уметноста, бидејќи таа е ненадминлива и вечна. На изложбата присуствуваа странски амбасадори и бугарски интелектуалци и пријатели на културата на Северна Македонија. Стојаноски за МИА, изјави дека по втор пат доаѓа во Бугарија, а прв пат одржува изложба. Посочи дека уметноста може да ги зближи двете соседни земји и да отвори нови хоризонти за уметниците да се запознаат и подобро меѓу себе да комуницираат. Изложбата во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе биде отворена за посетители до 31 август 2022 година. Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година, по што средното образование го завршил во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди. нк/вг/

Остани поврзан