• вторник, 24 декември 2024

Во Картум мирно, на сила 24-часовен прекин на огнот

Во Картум мирно, на сила 24-часовен прекин на огнот

Картум, 10 јуни 2023 (МИА) - Во суданскиот главен град Картум денеска, кога стапи на сила 24-часовниот прекин на огнот со посредство на САД и Саудиска Арабија, е релативно мирно, овозможувајќи достава на хуманитарна помош и одмор од интензивните борби.

Краткото примирје уследи по серијата прекршувања на примирјето меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), чија борба за власт стана насилна пред осум недели, што предизвика хуманитарна криза.

САД и Саудиска Арабија рекоа дека ја споделуваат „фрустрацијата“ поради прекршувањето на примирјето во изјавата со која го објавија последното примирје и се заканија дека ќе ги прекинат разговорите, кои привремено продолжуваат, доколку борбите продолжат.

Борбите, кои започнаа на 15 април, ја претворија градската област, вклучувајќи ги Картум и нејзините збратимени градови Бари и Омдурман во воена зона и доведоа до конфликт во суданските региони Дарфур и Кордофан на запад.

Пред почетокот на прекинот на огнот во 6 часот наутро, жителите пријавија истрелување на противвоздушни ракети во јужниот дел на Картум и областа Шарг ел-Нил, каде исто така беа забележани воздушни напади.

Во борбите се раселени повеќе од 1,9 милиони луѓе, од кои 200.000 или повеќе ја преминале границата во Египет. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан