• сабота, 23 ноември 2024

Во Кавадарци фалат металуршки техничари, бравари, заварувачи, електричари, медицински лица

Во Кавадарци фалат металуршки техничари, бравари, заварувачи, електричари, медицински лица

Кавадарци, 6 февруари 2023 (МИА) - Во Кавадарци фалат металуршки техничари, бравари, заварувачи, електричари, медицински лица. Се бараат месари, готвачи. Ова беше кажано на денешната средба посветена на унапредување на образованието во општината и подобрување на состојбата со пазарот на трудот.

Бранко Арсов, долгогодишен професор при Електро-машинското училиште „Киро Спанџов-Брко“, сподели дека во последните десетина генерации, немаат запишано бравари, металостругари, металоглодачи, немаат запишано ниту еден.

- Доаѓаат ученици претежно со родители, за упис. Претежно родителот, вели моето дете да биде запишано нешто, со компјутер да има, да биде чисто, откри професорот.

На состанокот присуствуваа претставници од средни училишта и компании.

Валентина Бањанска, раководител при Агенција за вработување, Центар Кавадарци, проговори околу тоа колку многу е важна практичната настава во образованието. Таа откри дека често има лица што завршиле одреден образовен профил како автомеханичари, заварувачи, бравари, а немале искуство, па не сакале да ја работат таа струка. За тие што не се пронашле во професијата за којашто се школувале, рече дека треба да им се даде втора шанса. Со доквалификација и преквалификација.

Стојанче Рамов, претседател на Советот на општината Кавадарци, нагласи дека Општината е втора во државата по мала стапка на невработеност.

Зорка Вчкова, раководител на сектор за образование и спорт при кавадаречката локална самоуправа, рече дека состанокот е во интерес на учениците и компаниите. Таа, меѓу другото, се осврна и на недостатокот од одредени профили на наставници, по физика, хемија, математика, наставник електроинженер.

На состанокот беше нагласено дека при упис во средно, учениците се прашуваат дали да се запишат каде што тие сакаат, за тоа, за што имаат афинитети, или таму каде што родителите имаат желба. Се предложи со вакви состаноци и анализи, да им се помогне на учениците да носат правилни одлуки при изборот на нивното идно школување. А за тие што завршиле, а не нашле работа, да се организираат доквалификации и преквалификации. Целта е, како што беше кажано, повисок стандард. свд/бд/

Остани поврзан