• вторник, 17 декември 2024

Во Кавадарци промовирана Бесплатна правна помош 

Во Кавадарци промовирана Бесплатна правна помош 

Кавадарци, 13 декември 2024 (МИА) - Бесплатна правна помош, каде и како може да се добие. Со ова беа запознати денеска кавадарчани, во рамките на кампањата за промоција и презентација на населението. На штанд пред градскиот пазар, беа делени информативни  флаери и лесно разбирливи отпечатени материјали. На информативниот  штанд, можеа да се добијат и правни совети за правни прашања, од консултанти ангажирани од Советот на Европа. 

Андријана Марковска, национален консултант на Советот на Европа, во изјава за МИА, рече дека целта е да се зголеми свеста околу бесплатната правна помош, каде и како може да се оствари. 

-Постојат два вида на правна помош што може да се добие. Може да се добијат правен совет, информација, помош при пополнување на определени обрасци, на пример за остварување на определено право. Ова е примарна правна помош и може да се добие во подрачните одделенија на Министерството за правда, како и во овластени здруженија на граѓани и овластени правни клиники за бесплатна правна помош во рамките на правните факултети во државата, појасни таа. 

Марковска додаде дека другата форма на правна помош е секундарната, од адвокат, за водење судски постапки и овој вид на помош, согласно на законот за бесплатна правна помош, се добива доколку се исполнуваат определени услови, претежно од материјална и финансиска природа.  

Настанот беше организиран во рамките на проектот за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош во Република Северна Македонија, дел од хоризонталниот инструмент 3 за Западен Балкан и Турција, проект кофинансиран од Советот на Европа и Европска Унија. Спроведуван е од канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, во соработка со Министерството за правда. свд/сст/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан