Во Кавадарци доделени јубилејни признанија за крводарители кои дарувале крв 25, 50, 75 и 100 пати
Кавадарци, 18 ноември 2025 (МИА) - Јубилејни признанија за крводарители кои дарувале крв 25, 50, 75 и 100 пати, беа доделени вечерва во Кавадарци, на настан организиран од Општинската организација на Црвениот крст. Крводарителите со 75 и 100 крводарувања, добија и награди.
Претседателот на Црвен крст Кавадарци, Димитар Каракулев рече дека години наназад, ги натфрлуваат бројките за планирани крводарувања, предвидени со годишниот план за реализација. Така, за минатата година, биле остварени 1.509 крводарувања, повеќе од предвиденото.
- Тоа не е само наша заслуга како општинска организација. Имаме одлична соработка со Службата за трансфузиологија, со крводарителите, истакна Каракулев.
Емилија Василева Иваноска, советник во Советот на Општина Кавадарци, во име на Советот и градоначалникот Митко Јанчев, изрази длабока благодарност до Црвениот крст Кавадарци, за континуираната хуманост и за доделувањето на јубилејните признанија на најуспешните крводарители.
- Вашата несебичност спасува животи и е највисок пример за човечност. Општина Кавадарци ќе продолжи да ја унапредува соработката со Црвениот крст и заедно да реализираме проекти што го зајакнуваат јавното здравје и солидарноста во нашата заедница, порача таа. свд/нд/
Фото : МИА