• сабота, 23 ноември 2024

Во завршна фаза уредувањето на новиот парк од 5.000 квадрати во населбата Ченто

Во завршна фаза уредувањето на новиот парк од 5.000 квадрати во населбата Ченто
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Уредувањето на новиот парк во населбата Ченто кој се протега на површина од 5.000 квадратни метри е во завршна фаза. Новата парковска површина на улицата Јужноморавски бригади, кај каналот во општината Гази Баба, наскоро ќе стане омиленото место за рекреација и пријатен престој на отворено за посетителите од сите генерации, велат од Град Скопје.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, по налог на Град Скопје, деновиве завршиле со хортикултурното уредување на оваа нова парковска површина. Притоа, било извршено целосно расчистување на теренот, фрезирање и пополнување на површината со квалитетна хумусна почва со песочни примеси, рамнење на почвата, спроведување систем за полевање, формирање тревник со сеење и валирање на тревно семе.
Паркот е збогатен и со два нови видиковци изработени од дрво, кои со својата форма и намена го дополнуваат изгледот и содржините во новиот парк.
-Екипите на ЈП „Улици и патишта“, пак, деновиве се во завршна фаза за изградба на новите пешачки и пристапни патеки во паркот. На патеките е извршен ископ на земјен материјал, поставени се рабниците и тампонскиот слој и во зависност од временските услови деновиве ќе биде асфалтирана и површината  на сите патеки. Во новиот парк ќе има една главна пешачка патека и три пристапни патеки со вкупна површина од 400 квадратни метри. Покрај патеките, на повеќе локации, ќе се постави и остана урбана опрема соодветна за парковската површина, информираат денеска од Град Скопје.
Подигнувањето и уредувањето нови паркови во Скопје, велат од Град Скопје, е еден од приоритетите во работата на Градот.
-Согласно со таа зелена политика, жителите на овој дел од општината Гази Баба за првпат ќе добијат модерен парк, нови уредени зелени површини и можност за одмор, релаксација и дружење на отворено на местото кое што претходно беше запуштено и полно со шут и ѓубре, се вели во соопштението од Град Скопје. сст/нд/

Остани поврзан