• сабота, 23 ноември 2024

Во завршна фаза изградбата на планинарскиот дом на Пониква преку проектот „Планински велосипедски рај“

Во завршна фаза изградбата на планинарскиот дом на Пониква преку проектот „Планински велосипедски рај“
Кочани, 23 август 2021 (МИА) – Во завршна фаза е изградбата на новиот планинарски дом на Пониква, што Општина Кочани го реализира во рамки на проектот „Планински велосипедски рај“. Завршена е кровната конструкција, а на меѓукатните простории над подрумот и приземјето е поставена армирачко-бетонска подлога, со што е подготвен простор за парно греење и набавена печка на пелети. Вградена е ПВЦ-браварија со термопан стакло, во тек е финалната обработка на подовите со керамички плочки, а објектот добива надворешна и внатрешна термичка изолација. – Имаше неколку застои во реализацијата на градежните работи. Сега тие се на самиот крај. Настојуваме да ја оствариме целта на проектот, односно да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство што се овозможува со изградба и обновување на велосипедски планински патеки и на Планинарскиот дом, но да овозможиме развој и на други услуги за поддршка на овој вид туризам, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Во рамки на проектот, набавени се и нови метални контејнери за отпад со капацитет од 1,1 кубни метри, што ќе бидат поставени на различни локации на потегот од шумската куќичка „Пашаџиково“ до рекреативниот центар „Пониква“. Просторот околу контејнерите ќе биде заштитен, за да се намали можноста за разнесување на сметот наоколу. Работите од проектот „Планински велосипедски рај“ се изведуваат со средства од подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка. По завршувањето на патната инфраструктура кон Пониква и реконструкцијата на ски-лифтовите, ова е третиот крупен проект за развој на туризмот на Осоговските Планини. та/бак/    

Остани поврзан