• понеделник, 23 декември 2024

Во завршна фаза е изборот на изведувач за првите две делници од пругата кон Бугарија, најави Бочварски

Во завршна фаза е изборот на изведувач за првите две делници од пругата кон Бугарија, најави Бочварски
Скопје, 20 јануари 2022 (МИА) - Во тек е конечна постапка пред избор на изведувач за првата и втората делница за изградба на пругата на Коридорот 8, за чија реализација веќе се обезбедени 200 милиони евра, најави министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, нагласувајќи дела се планира напролет да се започне со градба. Околу најавената средба со неговиот бугарски колега Николај Сабев вечерва во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма, Бочварски потсети дека е потпишан трилатерален Меморандум за соработка, помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија во Софија, со којшто сите три страни се заложуваат да се забрза интензитетот на градење на Коридорот 8 којшто е исклучително важен  за сите, не само за Бугарија, само за Албанија или важен само за Северна Македонија. - Го повикав и бугарскиот министерот да биде присутен напролет овде за да започнеме со градба на оваа пруга и секако ги поканивме и премиерите доколку е возможно тоа да се заврши, истакна Бочварски. Тој потенцираше дека најтешка ќе биде изградбата на третата делница, бидејќи е најголема инвестиција. - Само тунелот, согласно проектната документација која што ја имаме е околу пет километри, 2,5 километри се на нашата страна, 2,5 километри е на страната на Бугарија. И сега една од темите е како да се реализира тој проект, дали ќе го реализираме посебно, дали едната од страните ќе го аплицира, ќе го инвестира преку европските фондови. И тоа се постапки во кои што ќе се вклучат повеќе институции. Само тој тунел чини некаде 70 милиони евра, согласно првичните проекти, коишто ги имаме ние во Министерството. Тој проект е изготвен, го имаме ние за целиот тунел, којшто е на наша и на нивната страна и останува уште една реконструкција на бугарска страна, остатокот од пругата со што, како што сум информиран тие работат на нов проект за брза пруга. Сакаат да го поврзат по овој Коридор 8 со нас, со нашата страна. Тоа се постапки коишто реално ќе траат, наведе Бочварски. Третата делница, која што ќе чини преку 400 милиони евра од Крива Паланка до Деве Баир, според проектните документации и според динамичните планови треба да се гради околу четири години. - Нашите очекувања се дека ќе започне наредната година, што значи дека до 2027 ние доколку се оди како што треба, можеме да ја градиме оваа трета делница, а првите две коишто ќе ги започнеме сега напролет ќе се завршат за три години. Ќе завршат до 2025 година. Но тоа е след на настаните коишто ги имаме од наша страна со конкретни рокови, тајминзи, со обезбедени средства целосно за првите две фази и 60 милиони евра за третата фаза, но се разговара веќе и за дополнителни 150 да се обезбедат за третата фаза од оваа железничка пруга, додаде министерот. Тој истакна дека Министерството за финансии работи на тоа колку може да обезбеди повеќе грантови, бидејќи се работи за големи средства, а останатиот дел ќе оди со кредитирање. - Важно е дека кога ќе земеме одреден грант од ЕУ или од било која друга институција, ние тој грант треба да го потрошиме бидејќи рокови треба да го реализираме, да изградиме нешто со тие пари, да се оправдаме бидејќи сме имале капацитет тоа да го направиме. И тоа е нашата задача сега да го правиме. Јас тоа го кажав и на министерот од Бугарија, но и на премиерот дека ние сме подготвени на таа пруга да изградиме 36 тунели, колку што има на таа пруга на нашата страна и преку 80 мостови. Дел се реконструкција, дел треба да се изградат комплетно нови. Тоа е крајно комплексен објект, инфраструктурен објект за конечно ние да покажеме не само на Бугарија или на нас, дека можеме да живееме подобро, дека можеме да работиме повеќе, можеме да соработуваме повеќе, можеме компаниите да ги доближиме повеќе, да дадеме шанса не само преку патничкиот превоз, нашите компании да соработуваат преку патниот транспорт, туку може и преку железничкиот којшто ќе биде и конкурентен и поевтин и еколошки исправен во тој период, потенцираше Бочварски. см/сп/

Остани поврзан