Во Желино почна да функционира дисперзираната единица на тетовската пожарна
- Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово од денеска во Желино има дисперзирана единица, со цел побрзо пожарникарите да стигнуваат до местата каде има потреба да интервенираат.
Тетово, 7 јуни 2024 (МИА) - Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово од денеска во Желино има дисперзирана единица, со цел побрзо пожарникарите да стигнуваат до местата каде има потреба да интервенираат.
Во кругот на Општина Желино поставени се нови монтажни објекти кои ќе бидат канцеларии за пет пожарникари, на кои таму ќе им почнува работниот ден.
- Имајќи предвид дека покриваше многу широка територија, увидовме за потребно да имаме вакви дисперзирани единици. Ова е првата која ќе ја покрива територијата на Општина Желино. Во следниот период во договор со општините во Теарце ќе треба да се отвори иста ваква единица која ќе покрива истовремено општините Теарце и Јегуновце и во Боговиње која ќе покрива општини Боговиње и Брвеница. Цениме дека ќе бидеме поблиску до граѓаните ако има потреба да се интервенира побрзо за да се спаси живот или имот на граѓаните, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово
Според Блерим Сејдиу, градоначалник на Општина Желино, на територијата на Општина Желино поминува автопатот Тетово-Скопје каде, како што рече, често има несреќи и потреба од интервенција на пожарникарите, па затоа оваа единица ќе биде од голема важност за брзи интервенции.
Командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети, истакна дека во Желино ќе работи екипа која ќе служи од 7 до 19 навечер, а после тоа по потреба ќе се праќаат пожарникари од тетовската пожарникарска единица.
- Денската екипа ќе биде тука додека се стабилизираме. Нормално дека ќе има 24 часа функција на оваа станица тука. Тука ќе има пет пожарникари кои ќе бидат подготвени, ќе бидат камионите и фургонот со кој се интервенира во несреќни случаи во сообраќај. Ќе се трудиме што побрзо да ги отвориме и двете потстаници во Боговиње и Теарце, изјави Авни Амети.
Градоначалникот Касами вели дека во договор со руралните општини ќе се прави план како ќе се работи понатаму во однос на зголемување на бројот на пожарникари во потстаниците
- Според новата систематизација се работи сега за Бригада и ќе има единици во рамките на овие општини и ќе има потреба од нови вработувања. По потреба ќе одиме со пополнување на дополнителниот број потребни работни места и со тоа овие единици ќе бидат со полн капацитет и со 24 часовна служба на граѓаните, истакна Касами.
Општините според законските одредби треба да го кофинансираат вработувањето на нови пожарникари. ас/цр
Фото: МИА