• сабота, 23 ноември 2024

Во експлозијата во која загина познат руски воен блогер има и 25 повредени лица

Во експлозијата во која загина познат руски воен блогер има и 25 повредени лица

Санкт Петербург, 2 април 2023 (МИА) - Дваесет и пет лица се повредени во експлозијата во кафулето во Санкт Петербург, во кое загина рускиот воен блогер Владлен Татарски, јави ТАСС, повикувајќи се на гувернерот на градот Александар Беглов.

Експлозијата се случила во барот Street Foot, што се наоѓа покрај реката Нева, недалеку од историскиот центар на градот.

Областа е блокирана од силите на редот и возила на брзата помош и пожарникарите.

Во кафулето имаше „креативна патриотска вечер“, во која главен актер беше токму Татарски. Се верува дека девојка која дошла на собирот можеби ја донела и експлозивната направа која го убила блогерот. Веројатно била сокриена во дрвена фигура која на татарски му ја подарила младата девојка.

Според очевидци, девојката му го предала подарокот на Татарски и следела експлозија.

-Имаше многу крв, многу скршено стакло, изјави Алиса Смотрова, една од присутните во барот.

Владлен Татарски, чие вистинско име е Максим Фомин, е добро позната личност во руската воена блогосфера. Тој имаше 40 години и имаше половина милион следбеници на неговиот канал Телеграм, потсетуваат француските медиуми.

На почетокот на руската инвазија врз Украина, тој на каналот објавуваше видеа со анализи на ситуацијата на теренот и совети за мобилизираните. Тој се изјасни за поддршка на руската инвазија врз Украина.

Локалниот медиум Фонтанка наведува дека татарски на почетокот на 2014 година, исто така,  неколку месеци се борел на страната на проруските сепаратистички милиции во источна Украина. Истиот медиум наведе дека на денешниот настан каде што беше убиен Татарски имало околу 100 лица. сд/

Остани поврзан