• среда, 25 декември 2024

Во денешниот земјотрес во Тајван најмалку девет мртви и над 880 повредени

Во денешниот земјотрес во Тајван најмалку девет мртви и над 880 повредени

Тајпеј, 3 април 2024 (МИА) - Најмалку девет лица загинаа, а 882 се повредени во силниот земјотрес што рано утринава го погоди Тајван.

По земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала кој утрово го погоди источниот брег на Тајван, во урнатините останаа заробени над 120 луѓе, за кои се верува дека се живи.

Епицентарот беше на 18 километри јужно од градот Хуалиен, а досега се регистрирани најмалку 100 последователни потреси.

Земјотресот предизвика лизгање на земјиштето, при што 26 згради се урнаа или значително се оштетени, патишта се разорени, а некои делови од Тајван останаа без струја. Од некои згради паѓале делови од конструкцијата, како и скелиња на недовршени згради.

Противпожарната служба наведува дека најмалку 127 лица се заглавени под урнатините. Повеќе од 75 луѓе се заробени во тунелите Јинван и Кингсуи во подножјето на планините околу Хуалиен. Во спасувачката операција е вклучена и армијата.

Исто така, најмалку 50 луѓе се заробени во четири минибуси кои патуваа од Хуалиен до блискиот национален парк Тароко.

Земјотресот во Тајван е најсилниот во последните 25 години, а почувствуван е и на југот на Јапонија, на истокот на Кина и на Филипините.

Делот од островот кој беше зафатен од земјотресот е нерамна област со високи планини. Експертите предвидуваат дека во наредните денови ќе има опасност од активирање на нови одрони.

Веќе се урнати неколку мостови во планинските населби.

Спасувачките служби соопштија дека тројца планинари загинале по свлечиште предизвикано од земјотресот на планинската патека Декалун, додека едно лице загинало во автомобил пред тунелот Хуиде, кога дел од карпа се откинал и паднал врз возилото.

Предупредување за цунами беше издадено за Тајван, Јапонија и Филипините, но оттогаш предупредувањата се повлечени во некои области. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан