• сабота, 23 ноември 2024

Во Делчево промовиран романот „Патот до себе“ од роднокрајниот автор Душко Ивановски

Во Делчево промовиран романот „Патот до себе“ од роднокрајниот автор Душко Ивановски
Делчево, 19 август 2022 (МИА) - Романот „Патот до себе“ од роднокрајниот автор Душко Ивановски е промовиран вечерва во Делчево. Биљана Петровска, директор на Јавната локална библиотека „Илинден“ која ја организираше промоцијата, истакна дека задоволство е што роднокрајното одделенеие на библиотеката е побогато за уште еден наслов. - Романот „Патот кон себе“ е прво издадено дело на авторот кој умешно склопува приказна, дава јасна слика за едно време преживеано, доживеано, создавајќи пријатно четиво, кое лесно го примаат сите наши сетила. И како што се вели во самата рецензија, авторот низ оваа негово дело ни нуди ракопис забавен за читање и лесен за разбирање. Од име на ЈЛБ „Илинден“ на Душко му посакуваме многу успех со оваа негова книга, и му посакуваме уште многу промоции и уште многу нови книги и нови услови, рече Петровска. Приказната на „Патот до себе“ започува пред Втората светска војна во делчевското село Вртиславци, каде што е роден авторот и како што додаде рецензентот Ленче Стоименова, Ивановски го води читателот низ емоции и преживувања на ликовите, откривајки ја нивната свесност за сопствените слабости, и му дава можност на читателот да се надмине самиот себе си. Душко Ивановски основно и средно образование завршува во Делчево, а потоа се запишува на студии во Скопје. Моментално живее и работи во Лондон и работи на вториот дел од оваа книга. „Патот до себе“ веќе ја има во ЈЛБ „Илинден“ и е достапна до читателската публика од Делчево. вс/рп/  

Остани поврзан