• сабота, 23 ноември 2024

Во Делчево почна дводневна меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик во светлината на семантичките проучувања“

Во Делчево почна дводневна меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик во светлината на семантичките проучувања“

Делчево, 30 мај 2024 (МИА) - Во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ - Скопје, во Делчево денеска почна дводневната меѓународна конференција „Денови на Благоја Корубин“. На меѓународната научна конференција под наслов „Македонскиот јазик во светлината на семантичките проучувања“
годинава се пријавени 40 реферати со околу 50 учесници (универзитетски професори и научници) од повеќето универзитети во државата и од странство. 

Проф.д-р Елена Јованова -Грујовска, директорка на Институтот „Крсте Мисирков" истакна дека акцентот на конференцијата е на семантичките проучувања на сите рамништа од јазикот, семантички проучувања во современиот јазик, во црковно-словенскиот јазик, во ономастиката итн.

- Институтот за Македонски јазик е своевидна лексиколошка и лексикографска школа во државата, е сега тоа значи изработка на речници како толковен речник на македонски јазик, црковно словенски под накеоднска редакција, па имаме дијалектолошки, ономастички итн. . Значи освен формата освен морфолошките проучувања за нас е битна содржината, значи кој збор кое значење го носи  тоа е семантиката. Затоа оваа година организацискиот одбор со претседателот Катица Топлиска Евроска и секако целиот Институт застана зад оваа тема, истакна Јованова - Грујовска, која се заблагодари на градоначалникот на Општината Горан Трајковски и колегите по македонски јазик од Делчево, од кои ја имаат целосната поддршка за настанот.

Традиционалната македонската лингвистика, како што кажа претседателката на организациониот одбор проф.д-р Катица Топлиска - Евроска, отсекогаш била насочена кон истражувањето на јазичното значење. 

Самите истражувања засновани на автентичен јазичен материјал, рече таа, и покрај големиот временски распон на научната мисла и денес не губат од својата релевантност, а врз нив се надградуваат нови кои фаќаат чекор со современите семантички проучувања во лингвистиката. 

- Меѓународниот организациски одбор при поставување на темата ги имаше предвид следните поттеми: Традиционални и современи  пристапи и методи во семантичките, Лексичката семантика во македонскиот јазик и нејзиниот развој,  Семантиката и другите хуманистички дисциплини  Психолингвистика, Социолингвистика и Културологија, а потоа истотака Вештачката интелегенција итн. Компаративните семантички случувања во науката за јазикот исто така се дел од поттемите за настанот. Според содржината на програмата видлив е интересот на поставената тема со разнообразниот пристап кон семантичките истражување. Денес сме на истокот од нашата земја, во поинакво опкружување  да споделиме научни искуства и да расправаме по нив. Веруваме дека амбиентот ќе биде иснпирстивен за успешно одржување на собирот. Под раководство на доктор Снежана Велковска оваа манифестација низ годините успеа да изгради децениска традиција и да придобие Меѓународен карактер, рече Топлиска Евроска.

Советникот за односи со јавност при Општина Делчево, Даниела Такева, која воедно е и лектор, истакна дека голема е честа што Општината е домаќин на овој исклучителен собир посветен на Благоја Корубин.

- Она што е битно што тука се собрани лингвисти од земјава и странство кои, еве би рекла од моја страна, ќе имаат можност да ги слушнат дијалектот делчевски кој ќе можат понатаму да го работат во своите трудови. Се на се ова е многу убав настан и голем успех за Делчево што успеа да организира еден ваков семинар посветен на македонскиот јазик и лингвистиката, рече Такева.

Настанот се одржува под покровителство на Општина Делчево. вс/цр


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан