Во велешкиот театар одржана комеморација по повод смртта на актерот Самоил Стојановски
- Сопругата Емилија со синот Ведран, членови на семејството, колеги, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и поранешен колега, директорот на велешкиот театар Жарко Спасовски, претставници на Синдикатот на културни работници на Македонија, пријатели, граѓани кои се почитувачи на уметноста што со децении ја создаваше Стојановски на штиците што живот значат, на малата сцена на велешкиот театар му оддадоа почит на прерано починатиот актер.

Велес, 7 март 2025 (МИА) - Во велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ денеска беше одржана комеморација по повод смртта на актерот Самоил Стојановски.
Сопругата Емилија со синот Ведран, членови на семејството, колеги, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и поранешен колега, директорот на велешкиот театар Жарко Спасовски, претставници на Синдикатот на културни работници на Македонија, пријатели, граѓани кои се почитувачи на уметноста што со децении ја создаваше Стојановски на штиците што живот значат, на малата сцена на велешкиот театар му оддадоа почит на прерано починатиот актер.
Глумецот, 54 годишниот Самоил Стојановски ненадејно почина во понеделникот на 3 март. Неговите посмртни останки беа погребани ден подоцна на Градски гробишта „Бутел“ во Скопјекаде што живееше со семејството.
Откако му оддадоа почит со едноминутно молчење, неговите колеги од велешки Театар ја раскажаа професионална приказна на актерот со кого создаваа уметност, делеа добри и лоши моменти, беа другари и пријатели додека професионалните фотографии, видеа, изговорени реплики или дадени изјави на Стојановски се емитуваа на видео бим.
Актерите и колегите на Самоил Стојановски денеска потенцираа дека кога умира глумецот умираат и ликовите, сите возможни поделби на улоги, се гасат рефлекторите се откажуваат претставите.
Никој од присутните на комеморацијата не остана рамнодушен на обраќањето на синот на Самоил, Ведран, кој кажа со колкава љубов неговиот татко и се посветувал на професијата.
Крајот на комеморативната седница го одбележа аплаузот, долг и последен, со којшто сите присутни го испратија Самоил Стојановски во вечноста.ад/
Фото: МИА