Во велешката касарна за првпат свечено одбележан патронатот Алексо Демниевски Бауман
- Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ каде е сместена Командата за обука и доктрини денеска за првпат свечено беше одбележан 5 Септември - Денот на патронатот Алексо Демниевски Бауман, шпански борец и борец во НОВ кој починал на денешен ден во 1961 година во Белград.
Велес, 5 септеври 2025 (МИА) - Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ каде е сместена Командата за обука и доктрини денеска за првпат свечено беше одбележан 5 Септември - Денот на патронатот Алексо Демниевски Бауман, шпански борец и борец во НОВ кој починал на денешен ден во 1961 година во Белград.
Букети цвеќе на неговата спомен биста во кругот на касарната денеска положија претставници на Армијата од КОД предводени од командантот бригадниот генерал Лулзим Нуредини, од локалната власт делегација предводена од градоначалникот Марко Колев, како и од Општинскиот сојуз на борци, од Сојузот на резервните воени старешини и претставници на институции и училишта.

Командантот на КОД, бригадниот генарал Лулзим Нуредини од говорницата нагласи дека идејата за одбележување на овој ден потекнува од пред неколку години кога поранешниот командант генерал-мајор Зоран Милески сега во пензија во една прилика го прашал кој е тој настан што го одбележувааат поврзан со името на касарните, каде се сместени единиците.
-Тоа прашање беше почеток на размислување и од тогаш започнаме да ги одбележуваме патронатите на касарните. Како командант на Единицата која е сместена во оваа касарна оваа беше и моја цел - да го означиме и одбележиме овој значаен ден. И еве оваа година, конечно сме тука, заедно да го одбележиме патронатот на нашата касарна, рече Нуредини.
Тој потсети дека Алексо Демниевски Бауман оставил длабоки траги во историјата во борбата за слобода.

-Неговото име не се поврзува само со војничкиот пат, туку и со една генерација која се бори за правда во време на големи светски промени. Демниевски бил херој на Шпанската граѓанска војна и учесник во Народноослободителната борба од 1944 година. Нека неговата борба за слобода ни биде водилка за посветена работа, чување на веќе воспоставеното и постигнување повисоки резултати, порача бригадниот генерал Нуредини.
Потенцира дека Алексо Демниевски Бауман бил носител на највисоки одликувања меѓу кои и Орден Партизанска ѕвезда од прв ред, Орден за заслуги за луѓе од прв ред, Орден за братство и единство од прв ред, Орден на народна армија од прв ред и Орден за воени заслуги. Тој бил човек кој во својот живот,постојано се борел за поголеми идеали.
Ученичката Ивана Илиева пред присутните ја прочита целата биографија на Алексо Демниевски Бауман, а свеченоста беше заокружена со настап на најмладите играорци од КУД Коле Неделковски“ придржувани од оркестарот. Тие за својот настап со неколку македонски ора и придружени со песни беа наградени со аплаузи од присутните. ад/фф/
Фото: МИА