• петок, 05 декември 2025

Во Велес отворено ново детско игралиште „Зоки Поки“ во чест на бизнисменот Љутков

Во Велес отворено ново детско игралиште „Зоки Поки“ во чест на бизнисменот Љутков

Велес, 29 октомври 2025 (МИА) - Во знак на сеќавање и почит кон прерано починатиот млад велешанец Зоран Љутков, основач на семејната компанија „Пододекор“, денеска во Велес свечено беше отворено новото детско игралиште „Зоки Поки“.

Игралиштето е лоцирано кај Железничката станица, на простор кој претходно беше запуштен и обраснат со трња. Идејата за негово уредување потекнува токму од Љутков, кој оваа пролет лично учествуваше во расчистувањето на теренот, со цел да го претвори во безбедно и радосно катче за најмладите.

Само неколку месеци подоцна, неговиот сон стана реалност. Просторот е целосно уреден и опремен со современи реквизити за игра, како и со видео надзор кој ќе функционира 24 часа, обезбедувајќи дополнителна безбедност за децата.

Свеченото отворање го означија најмладите членови на семејството Љутков и градоначалникот на Велес, Марко Колев, со симболично сечење на црвената лента. Во веселата атмосфера први уживаа децата од градинката „Димче Мирчев“, учениците од Основното училиште со Ресурсен центар „Маца Овчарова“, како и бројни деца од градот, кои со насмевки го пречекаа новото катче за игра и забава.

Градоначалникот Колев ја поздрави донацијата на семејството Љутков, кое и покрај болката од трагичната загуба на Зоран на 13 јули годинава, успеа да го реализира неговиот сон. Тој ја истакна важноста на овој гест за заедницата.

-Ова игралиште е повеќе од простор за игра – тоа е симбол на човечност, семејна љубов и општествена одговорност. Благодарност до „Пододекор“ што му подарија на Велес место полно со радост и спомени. Нека нивната општествена одговорност биде поттик и пример за целата бизнис заедница, рече Колев.ад/ар
Фото:МИА 

.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан