Во Велес отворена изложба „Визии-Глава полна со луѓе“ на Родољуб Анастасов
- Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата „Визии-Глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов. Беа претставени 200 портрети изработени во техника молив.
Велес, 14 септември 2023 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата „Визии-Глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов. Беа претставени 200 портрети изработени во техника молив.
Како што ни изјави за МИА, познатиот уметник Родољуб Анастасов, овие портрети се за сите луѓе, и добри и лоши, кои тој ги среќавал.
- Оваа серија на цртежи е автобиографска затоа што портретираните луѓе, на еден или на друг начин, се дел од мојот живот или барем сум сретнал на мојата животна патека и останале запишани во мојата меморија и така се насликани по меморија, појасни Анастасов.
Кураторката на изложбата Јасминка Намичева информира дека портретите се создадени од 2016 до 2022 година, откако Анастасов во 2008 година доживеал тежок мозочен удар и тешки животни премрежја меѓу кои и селење од неговото сликарско ателје во Љубљана. На изложбата се претставени и неговите четири последни слики во боја изработени во 2008 година, два негови автопортрети и два на неговата сопруга Јустина.
Намичева посочи дека Анастасов е еден од ретките светски сликари кои по толку тежок мозочен удар по осум години успева да се рехабилитира и со молив да почне да работи цртежи.
- Тој ја изостави бојата, но со молив работи портрети коишто се исклучително тешка техника. Ова е нешто што многу ретко може да се сретне кај кој било жив уметник. Имаме голема привилегија што оваа збирка ја имаме во целост и се надеваме дека нема да биде ова крај, туку Анастасов ќе може да го гледаме во ново светло, додаде Намичева.
Таа истакна дека Родољуб Анастасов одговора на прашањето што го сочинува животот и какво суштество е човекот.
- Тоа се прашања за кои човекот Родољуб Анастасов постојано се обидува да најде одговори отсликувајќи ги преку ликовниот израз на уметникот Родољуб Анастасов. Изостреното критичко око, Анастасов го издигнува високо над хоризонтот за да од една поинаква нечовечка перспектива се обиде да ги одгатне дилемите на животот, разложувајќи го соодносот на човекот и просторот, човекот и градот и воопшто човекот во универзумот, вели Намичева.
Изложбата ја отвори Народниот музеј од Велес, а е поддржана од Министерство за култура.
Ангел Коруновски, директорот на Народниот Музеј од Велес, на отворањето рече дека трепери и има голема почит кон еден од нашите најголеми македонски уметници и еден од најголемите на Балканот.
- Нашата земја треба да се гордее со овој македонски сликарски гениј и сите уметници во неа и тој да биде поттик и инспирација за младите генерации, да оставаат белег, истакна Коруновски.
Изложбата на 3 јули беше отворена во Музејот на современа уметност во Скопје, а по Велес ќе биде претставена и во други градови во земјава. Воедно се планира да биде претставена и во Белград и други градови во странство. ад/ир
Фото: МИА