• петок, 05 декември 2025

Во Велес доаѓаат 200 кајакари од 10 држави на Европскиот куп во спуст

Во Велес доаѓаат 200 кајакари од 10 држави на Европскиот куп во спуст

Велес,31 март 2025(МИА) - Во водите на реката Вардар во Градскиот парк во Велес на 6 април ќе се одржи 2. коло од Европскиот куп во кајак на диви води – дисциплина спуст. 

Овој врвен натпревар ќе донесе 200 елитни кајакари од 10 земји, кои ќе се натпреваруваат во шест дисциплини, поделени во јуниорска и сениорска категорија. 

На овој престижен спортски собир ќе учествуваат претставници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Грција, Турција, Бугарија и домаќинот Македонија.

- Велес и Македонија повторно ќе имаат можност да ги покажат своите организациски капацитети, продолжувајќи ја успешната низа на меѓународни натпревари, по двете Балкански првенства и два Светски купа организирани во изминатите две години изјави за МИА Љубомир Спасиќ од Кајак Кану Клубот „Арка-Борец“ од Велес кој е организатор на овој елитен спортски настан.

Тој потенцира дека  највозбудливиот момент од натпреварот ќе биде финалната рунда со најдобрите 15 во јуниорска и сениорска конкуренција, кои ќе се борат за престижот и титулата победник.

ККК „Арка - Борец“ и Општина Велес  ги повикуваат  сите љубители на спортот, адреналинот и природата да дојдат во Градскиот парк в недела во Велес и и да бидат дел од овој спортски  спектакл и да ги бодрат кајакарите учесници.

Трките ќе се одвиваат на реката Вардар, во Градскиот парк со почеток во 9:30 часот. ад/зс/

Фото. МИА

Остани поврзан