• сабота, 23 ноември 2024

Во Будимпешта „Македонска вечер“ со Винаријата Попов и БудаПесме

Во Будимпешта „Македонска вечер“ со Винаријата Попов и БудаПесме

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Во кафулето Három Szerb Kávéház во Будимпешта изминатиот викенд се одржа „Македонска вечер“ - вечер посветена на македонската музика, македонското вино и македонската гостопримливост.

На настанот се дегустираа вина од Винаријата Попов, кои беа дел од организаторите. За музиката беа задолжени членовите на унгарското музичко дуо БудаПесме, кое се претстави со нов репертоар на македонски народни песни. А за гостопримството беа задолжени Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Институтот за унгарски вина, кои беа организатори на настанот.

Специјален гостин на вечерта беше македонскиот амбасадор во Варшава и економски советник за Вишеградската група, Илија Псалтиров. Пред гостите на Македонската вечер, Псалтиров се претстави со презентација за туристичкиот потенцијал и убавини на Македонија, насловен како „Откријте ја сончевата Македонија“.

Според организаторите, „Македонската вечер“ прераснува во традиционален настан, добро познат и популарен кај унгарската публика чиишто следбеници стануваат сѐ побројни од година во година.

Златко Панзов, лектор по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, изјави дека ваквите настани се многу значајни за промоција на македонската култура во Унгарија, а истовремено се важни за промоција и афирмација на македонскиот јазик што се покажува преку зголемениот интерес за изучување на македонскиот јазик.бт/са/

Фото: Златко Панзов

Остани поврзан