• сабота, 21 декември 2024

Во Бугарија се одржаа протести за поддршка на Навални

Во Бугарија се одржаа протести за поддршка на Навални
Софија, 21 април 2021 (МИА) - Протест на повеќе граѓански организации за поддршка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се одржа пред руската амбасада во Бугарија. Освен во Софија, протести се одржаа и во Бургас. Околу 100 луѓе изразија незадоволство од режимот на рускиот претседател Владимир Путин и побараа итно ослободување на опозиционерот Алексеј Навални. Како што јави дописникот на МИА од Софија, демонстрантите барале Навални веднаш да биде ослободен и да му се пружи медицинска помош поради информации дека неговата здравствена состојба е влошена. Демонстрантите скандираа „Слобода“. Иницијатори на протестот се руски државјани кои живеат во Бугарија, поддржани од бугарските граѓански здруженија „Борец“ и „Јавна контрола“. Една од организаторите на протестот, Флора Ахметова изјави дека „еден ден Русија ќе биде слободна, но каузата на Навални има потреба од силна поддршка на секој демократ“. Меѓу присутните се наоѓале и поранешни бугарски пратеници. Дописникот на МИА од Софија потсетува дека Бугарија кон крајот на март откри шпионска група која работела за руското воено разузнавање во земјата. Таа собирала важни информации за вооружувањето на бугарската армија со американски авиони Ф-16 Блок, како и информации поврзани со активностите на НАТО не само во земјата, туку и во регионот на Црното Море. Водачот на оваа група комуницирал со дипломати од руската амбасада во Софија, кои подоцна беа прогласени за „персона нон грата“ од страна на бугарските власти. нк/гт/

Остани поврзан