• среда, 27 ноември 2024

Во Брисел утре и задутре ќе се одржат неформални состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ

Во Брисел утре и задутре ќе се одржат неформални состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ

Брисел, 28 август 2024 (МИА) - Во Брисел утре и задутре ќе се одржат неформални состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на Европската унија, а со нив ќе претседава високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел.

Прво ќе се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој главна тема ќе биде конфликтот во Украина, а како што соопштија од прес-службата на ЕУ, на состанокот ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, како и министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, а ќе се разговара за односите ЕУ-Турција и регионалните и глобалните прашања од заеднички интерес.

Според информациите, на средбата на шефовите на дипломатиите ќе се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток и напорите за постигнување прекин на огнот во Газа, како и ситуацијата во Венецуела, речиси еден месец по претседателските избори на 28 јули.

В петок, на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ ќе се разговара за напредокот постигнат во обезбедувањето воена поддршка за Украина, средствата за нејзина помош добиени од користењето на замрзнатите руски средства и натамошната соработка со НАТО.

Исто така, министрите ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за опасната ескалација меѓу Израел и Хезболах и предизвиците во Црвеното Море и регионот на Заливот, вклучително и операцијата Aспидес.

Тема на состанокот ќе биде како ЕУ може да помогне за зголемување на севкупната одбранбена подготвеност на земјите-членки, а на тој дел од состанокот ќе присуствуваат и потсекретарот на ОН, Жан-Пјер Лакроа, помошникот генерален секретар на НАТО, Ангус Лапсли и претседавачот со подкомитетот за безбедност и одбрана на ЕП, Мари-Агнес Штрак-Цимерман. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан