• понеделник, 23 декември 2024

Во браните Липково и Глажња има доволно количина на вода

Во браните Липково и Глажња има доволно количина на вода

Куманово, 9 април 2024 (МИА) - Кумановци не треба да бидат загрижени за вода за пиење, бидејќи во двете брани има доволно количини акумулирана вода, соопштија денеска од подружницата на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Во двете брани Липково и Глажња има 19 милиони метри кубни вода.

- Количината е доволна и за вода за пиење и за наводнување. И покрај сушниот период, добро се организиравме, ги исклучивме сите загуби на вода. Водата од притоките на реките се слеваше во браните. Вкупниот капацитет на двете брани е 25 милиони метри кубни вода, изјави раководителот на подружницата, Оливер Илиевски.

Земјоделците веќе се информирани за датумите кога можат да наводнуваат.

- Три дена ќе можат да наводнуваат, два ќе бидат исклучени, изјави Илиевски.

Претпријатието веќе ги доставило до Владата критичните точки за чистење на речните корита и канали, одобрени се и се чека на средства од ресорното МЗШВ.

- Лани во декември, Регулаторната комисија донесе нови цени на вода. Во моментов за Куманово е определена цена на вода од 4,92 просечна, а одборот донесе одлука за 4, 5 денари, што е најниска. Се чека на одобрување од Владата. По одобрувањето ќе се фактурира кон ЈП „Водовод“. Оваа цена е пониска за 25 проценти од цената која важеше до 2017-та година, изјави Илиевски. ам/ев/

ФОТО: МИА и „Кумановско липковско поле“

Остани поврзан